Пред повеќе од еден месец во Центарот за култура „Григор Прличев“ охриѓани имаа можност премиерно да го проследат документарниот филм „Кино Охридско Езеро“ од авторот Љупчо Паункоски.

Во него се раскажува приказната за старото охридско кино од неговото изградба во 1924-та до неговото затворање кон крајот на осумдесеттите години, прикажани се различни сцени од филмските остварувања кои охриѓани имале можност да ги проследат во тој период, додека делото е зачинето со добро искомпонирана музика која буди сеќавање и носталгија.

Киното е дел од историјата на Охрид, а многумина кога поминуваат покрај него со носталија се сеќаваат на убавите филмови. На едно време кога не постоел ниту интернет, ниту телефон, а кога вистински хит претставувал токму овој објект кој своевидно бил освежување за градот во тој период. Во филмот е опфатен периодот од неговото основање во далечната 1924-та, па се до последно-прикажаниот филм во 1989-та година. При снимањето на овој документарец научив многу работи кои и за мене беа нови, а за прв пат дојдов до автентични документи во кои се наведени прецизни податоци за изградбата на старото охридско кино.“ – вели авторот Љупчо Паункоски.

Паункоски потенцира дека постојат многу причини кои го натерале да создаде еден ваков документарен проект за објектот, кој според него претставува нем сведок на едно убаво време кое минало.

Крајно време беше да се направи нешто за киното кое значело нешто за овој град.  До сега имаше многу приказни кои излегуваа во јавност, а постоеше потреба да се дознае правата вистина. Основачот на овој објект е во роднинска врска со мојата фамилија, а мојот покоен татко работел во киното од 1938-ма до неговото пензионирање во 1975-та година. Исто така, како ученик бев дел од старото охридско кино работејќи во периодот од 1964-та до 1967-ма година. Го учев тој занает и се стекнва со диплома за кино-апаратер.“ – потенцира Паункоски.

Миле Мартиноски – Петкоски основачот на киното

Како што објаснува тој, снимањето документарен филм претставува комплексен процес за кој е потребен подолг временски период, упорност и макотрпна работа.

Ми требаше подолг временски период да го комплетирам филмот, бидејќи секој детаљ требаше да биде поединечно презентиран. Морав да одам во кинотеката на Македонија, каде сега се наоѓа апаратурата со која некогаш се прикажувале филмовите во старото охридско кино. Требаше да составам приказна, за која мислам дека успешно ја направив. Го користев секој дел од слободното време да се посветам на овој филм, на кој истовремено сум автор и снимател. Текстот во филмот го чита Ѓорѓија Симјаноски, а лектор е неговата ќерка Марија Симјаноска. Имав и добар монтажер во името на Бранислав Сиљаноски кој допринесе многу овој филм да испадне како што доликува.“ – објаснува нашиот сограѓанин.

Филмот „Кино Охридско Езеро“ е снимен без никаква поддршка од институциите, а Паункоски се надева дека во иднина надлежните ќе излезат во пресрет на овие проекти кои се од големо значење за градот.

За жал до сега не добив ниту еден денар за ниту еден филм. Се направив со мои сопствени финансиски средства. Жално е што многу вакви работи кои говорат за историјатот на Охрид не се финансираат од институциите. Сакам да апелирам до градските татковци да смогнат сили и во рамките на Фото клубот Охрид да создадат и поддржат Сектор за документарни филмови, преку кој на нашите сограѓани ќе можат да им се доловат вистинските приказни од минатото.“ – вели Паункоски.

Според него, надлежните институции треба да водат и поголема грижа за старото охридски кино кое се наоаѓа на улицата „Даме Груев“, а за кое охриѓани веќе со години реагираат дека се наоѓа во исклучително лоша состојба.

Потребно е еден ваков објект како старото кино да се стави под заштита на законот и да остане сведок за понатамошните генерации. Многумина од постарите се сеќаваат на едно убаво време кое поминало. Време кога немаше кафиќи, а младите своите љубени ги носеа на кино проекции.“ – истакнува Паункоски.

За периодот кој претстои, нашиот сограѓанин го подготвува својот петти документарен филм кој е директно поврзан со обичаите, славите, фолклорот и целокупната традиција поврзана со областа Малесија.

Филмот „Кино Охирдско Езеро“ можете да го проследите во видеото кое следи во прилог.


„Кино Охридско Езеро“ ги буди спомените на охриѓани

O.T.