Македонскиот интернационалец Даниел Мојсов беше во центарот на вниманието во контрoверзното куп финале во Србија, кое го доби Партизан со 2-1.

Наместо празник, финалето се претвори во лакрдија. Стартот на финалето беше пролонгиран  поради  доцнењето на навивачите на Војводина, за што како што рекоа надлежните бил виновен редовниот претрес пред влезот на стадионот.

“Црно – белите“ поведоа преку Тејго во 13 минута, и имаа предност се до 63 минута .кога македонскиот интернационалец Мојсов погоди за изедначување.

Неколку минути подоцна контактот меѓу Тејго и  Мојсов, главниот судија Веселиновиќ го карактеризираше како прекршок за најстрога казна.  Прецизен беше Вукиќ.

Она што подцна следуваше фрли црна дамка на финалето. Во финишот на мечот Мојсов уште еднаш ја затресе “црнобелата“ мрежа но судијата го поништи голот поради наводен прекршок над Крстаиќ.

Чашата ја прели недосудениот пенал во 82 минута, по стартот на Тејго над Трајковиќ. Главниот судија Веселиновиќ одмавна со раката, а нездоволните новосаѓани се одлучија да го напуштат теренот.

Откако без играа минаа регуларните 90 минути, судијата означи крај, а Партизан го освои својот 12 куп во клупската историја. Црно-белите се на чекор до одбрана на двојната круна потврдувајќи ја доминацијата во српскиот шампионат.

М.П.