Организатори на групата биле двајца скопјани и црногорскиот државјанин, а во неа имало и еден охриѓанец, едно лице од Прилеп, и уште осум лица од Скопје.
На 2- ри октомври извршени биле претреси на вкупно 11 локации (десет во Скопје и една во Прилеп), на коишто живееле/престојувале членовите на организираната група. Во рамки на спроведените мерки и активности за реализација на случајот во Скопје, Струмица, Охрид и Прилеп приведени биле 14 лица од кои по извршувањето на разговор 4 лица биле пуштени, а 10 задржани за понатамошна постапка.
Членовите на криминалната група извршиле вкупно 61 нелегални трансакции во вкупно 32 продажни места во Скопје и Охрид, од кои 26 нелегални трансакции во износ од 494.382 денари биле успешни, а 35 нелегални трансакции во износ од 1.577.436 денари биле неуспешни.
Криминалната група во текот на јуни 2011 година ја формирале организаторите на криминалната група со цел вршење на кривични дела со фалсификувани платежни картички при што на почетокот групата била насочена кон вршење на нелегални трансакции на продажни места најчесто бензински пумпи во Скопје, за купување стока за широка потрошувачка и продажни места со техничка стока. Подоцна, кон групата се вклучиле и останатите, меѓу кои имало и татко и син и брат и сестра.
Во текот на јуни и јули 2012 година во Охрид, братот и сестрата заедно со уште едно лице, а по претходен договор со сопственик и управител на салон за убавина и златара извршиле 3 успешни нелегални трансакции во износ од 181.500 денари и 14 неуспешни нелегални трансакции во износ од 1.130.300 денари.
Во групата имало и татко и син, кои биле задолжени да поставуваат уреди за прибирање на податоци од платежни картички во странство, кои податоци подоцна ги доставувале на член од групата, кој заедно со бугарски државјанин ги изработувал фалсификуваните платежни картички. Кај членовите на криминалната група, при претрес, пронајдена е опрема за прибирање на податоци од платежни картички: 3 уреди (скимери) за преснимување на податоци од платежни картички кои се поставуваат на банкомати и служат за крадење на податоци од платежни картички, повеќе делови од скимери, 9 фалсификувани платежни картички, 14 надворешни мемориски уреди, 19 компјутери, 22 телефонски апарати и 98 сим картички. Одземените предмети се доставени до Одделот за крим техника заради вештачење. Кај еден од нив пронајден е и пиштол и осум парчиња муниција кои истиот ги поседувал без дозвола.
Дел од членовите на криминалната група и претходно се кривично пријавувани за кривични дела извршени со фалсификувани платежни картички и имаат издржувано казна затвор како во Р.Македонија, така и во повеќе европски држави – Луксембург, Швајцарија, Грција и Србија.