Барселона e првиот патник во големото финале кое ќе се одигра на 28 мај на Вембли. Второто “Ел Класико“ во 1/2 финалето од Лигата на Шампионите заврши без победник 1-1. “Блауграната“ со севкупни 3-1 е подобар од Реал Мадрид и се пласираше во финалето по пауза од една година.


По првите 45 минути мрежите мируваа, неколку прилики пропушти Барселона преку Меси и Давид Виља додека Реал Мадрид ја повтори бледата игра од првиот натпревар.


Вториот дел започна поагресивно, за тоа голема заслуга имаше дождливото време над Ноу Камп. Се играше 54-та минута кога “златното момче“ Андрес Иниеста прими топка во средината на теренот и со “хируршка“ асистенција го пронајде Педро кој осамен пред Касиљас стрелаше за 1-0.

Барселона по погодокот започна со препознатливата “пинг понг“ игра, по таква комбинација стрелецот на голот Педро погреши на својата половина, Чаби Алонсо го пронаоѓа Анхел ди Марија кој бие во стативата. Топката повторно е во неговите нозе,  асистира за Марсело а бразилецот го изедначува резултатот.

Реванш натпреварот од 1/2 финалето во Лигата на Шампиони ќе биде запеметоно по експресното враќање на Ерик Абидал на теренот откако боледуваше од тумор на стомакот. Французинот влезе во финишот на натпреварот на местото од капитенот Карлес Пујол.


Противникот во финалето Барселона ќе го дознае по вториот 1/2 финален меч во Лигата на Шампиони помеѓу Манчестер Јунајтед – Шалке.

Мх.П.