Причина за вчерашното угинување на околу 15 отсто од рибниот фонд на пастрмка која се чува за вештачко оплодување во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод во Охрид – ХБЗ, според одговорните, е прекин во снабдувањето со свежа вода на инсталациите во научната установа. Последиците од краткотрајното запирање на дотурот на вода во мрестилиштето се чувствуваа и денес.


Еколошкиот инцидент, како што тврдат од Хидробиолошки, е предизвикан од долготрајната суша. Поради тоа подмладокот изведен со вештачки мрест предвреме бил пуштен во езерото, за да се избегнат поголеми последици.

-Намалено е нивото и на самиот канал Студенчишта, како и издашноста на изворите во околината, додека подземните води се повлечени за околу 4 метри. Ние со години бараме да се обезбеди стабилно и соодветно снабдување со свежа вода на Хидробиолошкиот завод за што се потребни околу 65 литри вода во секунда, додека предлозите кои можат да се чујат за користење на водата од каналот не се на место бидејќи истата е загадена и не одговара на потребите на пастрмката – објаснува Зоран Спиркоски од ХБЗ Охрид.


Зоран Спиркоски – Хидробиолошки завод Охрид

Недостатокот на свежа вода во мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод сега се компензира со вклучување на пумпите кои црпат вода од Охридското Езеро, информираат од  јавното претпријатие за водоснабдување „Проаква“. Оттаму посочуваат дека тоа е времено и скапо решение поради што е потребно најитно да се изнајде соодветна алтернатива.

-Овде се случи непријатна природна појава, пореметување на подземните води кое неможе да се предвиди. Поради тоа кратко  Хидробиолошкиот завод остана без вода, но со брза реакција на двете институции спречивме поголема катастрофа. Сега заеднички најитно треба да направиме испитувања и да го решиме овој проблем засекогаш со изнаоѓање на алтернативен извор или бушотина за во иднмина никогаш да нема вакви проблеми, изјави Златко Старкоски, директор на „Проаква“.


Златко Старкоски – МЈП „Проаква“

Поморот на пастрмка во мрестилиштето на ХБЗ предизвика  лавина реакции во јавноста. Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро изрази отворено сомневање во образложението за немилиот настан од  двете надлежни установи и побара одговорност.

– Фактот дека двете надлежни институции знаеле за проблемот со капацитетот и квантитетот на водата во овој период, а не презеле целосни мерки за заштита на рибниот фонд говори дека постапиле крајно неодговорно. Фактот дека и двете институции се договориле да ја минимизираат реалната штета и „се договориле дека не постои никаква одговорност и вина“, говори за уште еден акт на неодговорност, а кога има таква неодговорност некој мора да понесе вистинска одговорност, вели Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.


Одговорност за еколошкиот инцидент во Хидробиолошкиот завод повторно побара и риболовното здружение „Св. Апостол Петар“.

-Менаџментот знаел за лошата хидролошка состојба и не презел соодветни мерки за спас на матиците пастрмка, што е крајно неодговорно однесување“, рече Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.


Примероци од угинатата пастрмка се испратени на лабораториска анализа која треба да отркие дали евентуално постои некакво загадување во  водата со која се снабдуваат инсталациите за вештачки мрест на ХБЗ, а работна група составена од експерти на научната институција и „Проаква“ итно ќе се состане со цел изнаоѓање решение за проблемот кој во опасност го доведува вештачкиот мрест на пастрмката.

Горан Момироски