Припадници на Одделот за недозволена трговија со дрога во заедничка координирана акција со Одделот за криминалистичко разузнавање, Секторот за гранични работи и миграции и СВР Охрид, а во содејство со Царинската Управа на Република Македонија, на граничниот премин Ќафасан вчера запленија 10 килограмина висококвалитетен хероин.

Дрогата била пронајдена во патничко возило „лада нива“, управувано од лицето Ј.Ј.(1977) од Тетово. Хероинот бил спакуван во 10 пакувања во задниот браник и во системот за вентилација. Дрогата требало да биде пренесена во Албанија, а крајната цел била во земјите од Западна Европа.


Истрагата утврдила дека организатор на транспортот е лицето В.Ц.(1967) од с.Ораовица, Радовиш, а живее во Скопје.

Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР. Вредноста на запленетата дрога во Македонија на големо изнесува 200 илјади евра, додека на големо во земјите на Западна Европа достигнува и до 350 илјади евра, а за употреба на крајните корисници поради високиот квалитет цената може да достигне и до 1,5 милион евра, информираат од МВР.

Од страна на полицијата до Основен суд Струга ќе биде поднесена кривична пријава против лицата В.Ц. и Ј.Ј. за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. Ддвајцата пријавени и претходно и биле познати на полицијата, бидејќи против нив во повеќе наврати биле процесуирани кривични пријави за слични кривични дела.

OhridNews