Македонија синоќа беше дел од најголемата светска волонтерска акција Часот на планетата Земја. Рекорден број локации, меѓу кои и Охрид, го исклучија осветлувањето за Часот на планетата Земја во Македонија.
Во исто време волонтери од Црвениот Крст на Република Македонија низ сите 35 општински организации на Црвениот Крст низ државата симболично го одбележаа Часот на планетата Земја на предвидените локации за исклучување низ Македонија.
Прекрасни фотографии и видеа пристигнаа од одбележувањето на Часот на планетата Земја од Охрид со неверојатно одбележување на оваа светска акција. Во 20:30 часот во мрак потонаа комплексот Канео, Самуиловата тврдина и споменикот Свети Климент Охридски.
И плоштадот „Македонија“ во Скопје потоа во мракот во точно 20:30 часот, а потоа со запалени свеќи се формираше бројот 60+ што означува 60-минутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени.
Во мрак за Часот на планетата Земја потона и Скопје Сити Мол. Во период од еден час беше исклучена илуминацијата на објектот, но исто така беше редуцирано осветлувањето и во внатрешноста.
– “Македонија потона во мрак за Часот на планетата Земја. Покажавме дека ја имаме моќта да направиме промена и да докажеме дека и Македонија е дел од Часот на планетата Земја!“ – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.
Македонија е единствена земја од целиот свет чии видеа од исклучувањето на осветлувањето на предвидените локации завршија на три посебни официјални видеа објавени од глобалната организација на Earth Hour.
Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креирано од WWF. Како една од првите кампањи креирана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настан кој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.
OhridNews















