Разбиен меѓународен канал за Шверц на хероин, во кој биле вклучени и осум македонски државјани- членови на криминалната група , меѓу кои и еден охриѓанец и двајца од струшките села Калишта и Ливада.

Имено, одделот за недозволена трговија со дрога во заедничка координирана акција со Одделот за криминалистичко разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање, а во содејство со Царинската Управа на Република Македонија, вчера, во рамки на Оперативната обработка „РЕАЛ“ реализираа случај на недозволена трговија со дрога, при што е пресечен меѓународен канал на недозволена трговија со хероин на релација Македонија – Грција и понатамошен  транспорт во Шпанија.


Од страна на надлежните органи подолго време била водена истрага против организирана криминална група од Македонија која се занимавала со недозволена трговија со хероин, при што вчера попладне, во 14,00 часот при преземени  координирани мерки и активности на излез од Р.Македонија на граничниот премин „Богородица”, сопрено било ПМВ „Опел Омега” со скопски регистарски таблици, сопственост и управувано од лицето О.М.(1978) од Скопје.

При извршен детален преглед на возилото, во задната лева фабричка шуплина на багажниот простор на возилото пронајдени биле 5 пакувања правоаголна форма облепени со широка бела селотејп лента, во кои имало околу 3 кг. прашкаста материја со сива боја. Одземените пакувања се предадени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на МВР, при што е утврдено дека се работи за вкупна маса од 2 кг. 460 гр. високо квалитетен хероин, чија вредност на наркопазарот во Европа изнесува околу 100 000 евра на големо, додека на мало може да достигне три пати повисока цена. При реализација на случајот извршени се пет претреси во дом и други простории на подрачјето на Скопје, Велес, Струга и Охрид, при што не се пронајдени предмети од интерес на службата.

Од страна на ОНТД на ден 31.03.2012 година, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Б.И.(1986) од с.Студеничани, М.А.(1972), М.П.(1971) двајцата од Велес, А.Г.(1948) од Охрид, М.Н.(1965) од с.Калишта, Струга, Д.Д.(1982) од с.Ливада, Струга, О.М.(09.09.1978) од Скопје за сторено кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, а лицето Б.С.(1983) од Велес, полициски службеник кој и помагал на криминалната група ќе биде пријавен за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Осомничените и претходно и се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати биле поднесувани кривични пријави, а за дел од нив постоеле оперативни сознанија дека се дел од таканаречената „Франкфурт мафија“.

Од страна на ОНТД ќе бидат преземени дополнителни мерки и активности заради  утврдување на други лица припадници на криминалната група и целосно расчистување на случајот.

OhridNews