По дванаесетти пат, нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“ и Клубот за подводни активности „Охрид“ во соработка со Сојузот за подводни активности на Македонија, денеска го украсија Охридското Езеро со новогодишна елка.
Традиционално и оваа година, нуркачите накитија елка која ја поставија во езерските води кај Заливот на коските.
Во подводното украсување учествуваа нуркачи од земјава и странство, а меѓу нив беа и најмладите членови на клубовите за нуркање.
Неодминлив декор и оваа година беше подводниот „Дедо мраз“, кој ги израдува најмладите посетители во Заливот на коските, подарувајќи им новогодишни пакетчиња.
„Пред 12 години дојдовме до идеа на еден специфичен начин да ја честитаме новата година. Оттогаш па навака, оваа традиција стана атракција. Со спонзорство од „Нова Македонија“, поделивме пакетчиња, на кои најмладите најмногу се израдуваа.“ – вели Гоце Стојанoски, овогодинешниот подводен „Дедо мраз“.
Периклија Бешка, претседател на Сојузот за подводни активности на Македонија, вели дека китењето на подводна елка е традиција стара една деценија која е карактеристична за Охрид.
„Ние сме задоволни и сакаме оваа традиција да остане на нашите млади нуркачки кои се тука присутни. На наш начин им ја честитаме новата година најпрво на колегите нуркачи и сите граѓани на Република Македонија.“ – изјави Бешка.
Инаку, оваа убава традиција започна пред 12 години и претставува вистинска атракција. Покрај искусните нуркачи, во китењето на елката учествуваа млади членови на нуркачките клубови од градот, како и нуркачи од Македонија и странство.
OhridNews