„Сергеј е многу глупав“ во режија на Дејана Николовска е најновата театарска претстава на Народен театар Охрид која премиерно ќе биде изведена во петок, 9 јуни, со почеток во 20 часот.

Позитивните вибрации не можеа да се сокријат од страна на актерската екипа и режисерката на денешната прес конференција во однос на одличната соработка изминативе повеќе од месец дена, а во насока на давање на сопствен придонес во пренесување на пораката од претставата до гледачите.

Во претставата улогата на главниот лик Сергеј ја игра Никола Тодороски, првиот курир е Стрезо Стаматовски, вториот курир е Горан Стојаноски, третиот курир е Филип Кипровски, а Маша ја игра Елизабета Стефановска.

Ова е наша трета соработка. Овојпат имаме една поинаква претстава која ќе го збогати репертоарот на театарот и ќе го претстави во едно поинакво светло. Текстот од претставата за првпат е поставуван во Македонија и превден, воедно добиени се и ексклузивни авторски права за него. Се работи за многу популарен современ драмски текст, кој е многу поставуван и се повеќе се поставува. Во Охрид ова е празиведба на овој текст. Уживавме во целата приказна, вели режисерката Дејана Николовска.

Во претставата „Сергеј е многу глупав“ се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кој го игра Никола Тодороски.

Навидум едноставна животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај Сергеј и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, започнува надреалистично шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив, потенцира Николовска.

Гледачите, додава Николовска, до крај како и главниот лик Сергеј нема да можат да сфатат за што се работи, што се случува и кои се овие луѓе.

На Сергеј му се случува една средба со непознатото кон која незнае како да се постави, нема претходно искуство, но едно е јасно дека кога непознатото ќе ви чукне на врата со него мора да се воспостави некаква комуникација, бидејќи во спротивно може да остави неоспорливи последици во животот на тој човек. Преку главниот лик е отсликан симптомот на денешницата, а тоа е дека многу често проблемите и ситуациите со кои треба ние да се соочиме ги изнесуваме надвор, ја пренесуваме одговорноста за многу важни прашања на други. Инерцијата по која го живееме животот е нешто што сакаме да го смениме, додаава Николовска.

Актерот Никола Тодороски, кој го игра ликот на Сергеј, вели после долго време како екипа на Народен театар Охрид имале можност да се позанимаваат со ваков убав процес.

Овие повеќе од месец дена колку што работевме за нас како екипа беа вистинско освежување. Ликот што го играм е модерен тип на човек, кој успеал во животот и премногу му е комотно, и е задоволен од се тоа што му се случува како ссекојдневио. Но, еден ден драстично се му се менува. За повеќе детали публиката ќе треба да дојде на претставата. Мислам дека оваа претстава ќе го предизвика прашањето во публиката: Ако Сергеј е глупав, тогаш какви сме ние?, додава Тодороски.

Направивме една претстава која благо речено би можела да се нарече зачудна претстава вели актерот Горан Стојаноски.

Обично работи што не ги гледаме, мислиме дека не постојат. Но, има и работи кои знаеме дека постојат. Ние се занимаваме со ветерот во човекот, со невидливото, а сепак многу видливо, многу конкретно со содржините на човекот, содржината на неговите чувства, на неговата душа, од емоции до свест и ум и го доведуваме во ситуација да биде тоа комично, затоа што сметавме дека на таков начин, една таква материја би допреле многу добро до душичките на нашите гледачи. Силно ги охрабрувам сите наши љубители на тетатрот да ја погледнат оваа претстава зошто е доста необична и интересна и задржува внимание, додава Стојаноски.

Вакво нешто ни требаше, ние актерите сме зависници од процесот на креирање на претставата, а овде беше вистинско задоволство да се работи со екипата,  вели актерот Филип Кипровски.

Дејана ни даде текст за кој можевме многу, многу да размислуваме и верувам дека публиката во петок исто така нема да може да дочека да види што всушност сакаме да кажеме со претставата и целиот проблем на текстот кој ја обработува емотивната затупавеност на сите нас денеска, сакале или не која општетството ни ја наметнува, додава Кипровски.

За сценографот Енес Деари ова е прв проект кој го работи со режисерката Николовска и вели чудно се склопиле во процесот.

Сценографијата е минимализам, бидејќи не дава можност да направиш во една гарсонјера како што е наведено во текстот. Во тој минимализам преубаво играат глумците и преубав е склопот со главниот лик. Дава можност таа игра на глума да излезе во предвид.


Инаку, ова е втора претстава на Народен театарот Охрид годинава дадена според програмата на Министерството за култура, а трета соработка со режисерката Дејана Николовска, која претходно ги режирала претставите „Каде е пиштолот“ и „Благородникот“.

Претставата „Сергеј е многу глупав“ ќе биде изведена и на 10 август во склоп на програмата на фестивалот „Охридско лето“, а планирани се уште две изведби овој месец.

Н.С.Ј.

видео. Б. Стојаноски