Под мотото „Сега за да не биде предоцна“, ВМРО ДПМНЕ вечерва ги продолжи протестите низ повеќе градови во земјата. Се протестираше и во Охрид каде поддржувачи на партијата со автомобили и вклучени ситени преодефилираа од влезот на градот од страната на Скопје до зградата на Општина Охрид, каде кратки обраќања имаа пратеникот Кирил Пецаков и претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид Сашо Донев.

Му посочуваме на Заев дека никој не му дал мандат да преговара за Македонија и македонскиот народ и јазик, и му порачуваме дека не може да ни биде избришана македонската свест. Поради тоа што оваа Влада не може да ги реши проблемите на граѓаните во Македонија бараме веднаш неотповиклива оставка на Заев и формирање на Влада на национален спас којашто ќе биде составена од експерти. – рече пратеникот Пецаков.

Од ВМРО ДПМЕ најавија дека протестите ќе продолжат се до остварување на нивната цел, а тоа е оставка на премиерот Зоран Заев, кој според партијата работи против интересите на македонскиот народ и ја разнебитува државата.

Реагираа од владејачката СДСМ. Според социјалдемократите нервозата кај Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ кулминира затоа што протестите им се фијаско.

Говор на омраза, ширење поделби меѓу граѓаните, ниско ниво на комуникација полно со невистини, лаги, навреди, се единствени теми на кои е посветен хистеричниот Мицкоски. Како што лажеа дека со Договорот од Преспа ќе се изгубел македонскиот идентитет, како што лажеа дека викендов ќе се распрачувала државата, денеска Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ лажат дека наводно ќе се менувала историјата. Уште еден залуден обид на ВМРО-ДПМНЕ и хистеричниот Мицкоски преку клевети и навреди да внесат поделби меѓу граѓаните. – велат од СДСМ.

Никој не се откажува од македонските херои, од АСНОМ, тоа се глупости и клевети, но ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од блокадите, деструкцијата со која им наштетува на граѓаните, додаваат од СДСМ.

OhridNews