Барселона како и Манчестер Јунајтед синоќа извојува триумф на гостински терен со идентични 2-0 и цвсто зачекори кон финалето во Лигата на шампиони што на 28 мај ќе се одигра на стадионот „Вембли“ во Лондон. Победата на Барселона добива на тежина бидејќи е остваренa во “Ел Класико“ над “крвниот“ ривал Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабе“.


Првиот дел од натпреварот почна со “шаховско“ надмудрување на обете екипи. Барселона доминираше на теренот, имаше теренска иницијатива, а најзрелата шанса во тој период не ја искористи Давид Виља кој биеше покрај голот.  Подоцна, фудбалерот за врска во “блауграната“ Чави, шутира по асистенцијата на Лионел Меси, но чуварот на мрежата на “кралевите“ Икер Касиљас е на висина на задачата. 

По завршувањето на првото полувреме резервниот голман на Барселона, Пинто по нападот на вториот помошник на Мурињо, Чендо, заработи директен црвен картон.


Второто полувреме продолжи со исто темпо како и првото, измената Адебајор за “невидливиот“ Месут Озил не вроди со  плод. Ако мега ѕвездите  Роналдо и Меси беа засените поради тактичката игра на Гвардиола односно Мурињо, во 63-та минута свое “препознатливо“ шоу имаше португалецот Пепе кој заработи црвен картон по остриот старт над Дани Алвеш.

Да не биде покусо португалецот  на клупата на Реал, популарниот Моу по кој знае кој пат бурно протестираше на судиската одлука, а германецот Волфанг Штарк му додели црвен картон и го испрати на трибините.


Пеп Гвардиола со внесувањето во игра на младиот Холанѓанец Ибрахим Афелај на местото од Педро Родригез го направи потегот на натпреварот. Афелај во 76-та минута прими топка по линија лесно се ослободи од Марсело, на прва статива го пронајде Меси кој е непогрешлив за молк на „Сантијаго Бернабе“.

По примениот погодок играта на “кралевите“ се распадна како кула од карти, тоа мудро го казни Барселона во 89-та минута. Најубавиот момент од мечот беше  соло продорот на Лионел Меси кој нанижувајќи  неколку фудбалери од одбраната на Реал Мадрид  го совлада немоќниот Икер Касиљас за голема победа над Реал Мадрид во неговиот храм.

Реванш натпреварот од новата епизода од “Ел Класико“, овојпат во 1/2 финалето на Лигата на шампиони, е на 3 мај (вторник).

Мх.П.