Отстранувањето на опремата и објектите од плажите на охридското крајбрежје кои се надвор од Генералниот урбанистички план, ќе продолжи. Тие се само еден дел од долгиот и тежок процес кој претстои за зачувување на универзалните вредности на Охридскиот регион поради кои тој е ставен на листата на УНЕСКО. Согласно планот за управување со Охридскиот регион и актите кои произлегуваат од него, уредувањето на плажите во иднина ќе биде многу поинакво, без бетони и бекатони и метални платформи во езерото, открива градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во специјалната емисија на OhridNews посветена на актуелните состојби и обидите да се зачува статусот на Охрид во УНЕСКО.

За мене е најдегутантно прашање: Што ќе ни е нас УНЕСКО? Некој пред 40 години во 1979 година заклучил дека нашиот град е место и локација од непроценливо светско богатство. И сега ние наместо да еволуираме со нашата интелигенција, сфаќања и однос кон природата и нашата свест ние се враќаме 40 години наназад и се прашуваме што ќе ни е УНЕСКО. – вели градоначалникот Георгиески во специјалната емисија што ја реализираше OhridNews, во која тој одговара на јавните обвинувања на дел од концесионерите на плажи.

Најголем проблем и предизвик за Охрид претставува урбанизацијата во најатрактивните делови на градот, кои се под строга заштита. Таа битка нема да биде лесна, но мора да почне, децидни се експертите.

Решавањето на проблемот на урбанизацијата е голем, бидејќи градбата во најатрактивните делови на Охрид не ја вршат случајни луѓе. Ја вршат луѓе со сериозни влијанија. – вели Андон Бојаџи, експерт од областа на заштитата на природата.

Доколку се уште се прашуваме што ќе ни е УНЕСКО, значи не сме свесни за важноста на брендот кој го имаат малку уникатни места во светот велат познавачите на состојбите.

Се повеќе се нападнати природните вредности со урбанизација и доколку не престанат некои чудни одлуки  блиску сме да стигнеме до 12 и 5 на  еколошкиот часовник. – вели Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ Дримскиот проект.

Отсуствува свест кај луѓето. Сите говорат за УНЕСКО, но некако површно, како да не разбираат што тоа значи. – истакнува новинарот Александар Бачиќ.

И екологистите се согласни дека ниското ниво на свест е основниот проблем не само во случајот со заштитата на уникатните вредности на Охрид, туку и воопшто во општеството.

Охрид е универзумска вредност и нема да се предаде на желбите и искривените сфаќања на поединци. – вели Горан Устијаноски иницијатор на еко движењето „Еко ФАП“ и „Еко Охрид“.

Во получасовната емисија посветена на предизвиците на Охрид за зачувувањето на вредното природно и културно наследство погледнете ексклузивни снимки и изјави на експерти, авторитети и засегнати страни, кои отворено зборуваат за еколошките проблеми на градот, кои поради разни интереси се занемаруваат со децении. Затоа сега регионот е под закана да биде ставен на листата на заштитени подрачја во опасност.

Г.М.