Невреме проследено со обилни врнежи од дожд, силен ветер и грмежи ноќеска го зафати Охрид. Според Управата за хидрометеоролошки работи во Охрид изминатото деноноќие наврнале 90 литри на метар квадратен. Дождот предизвика поплави во повеќе населби во градот, како и во приградските села, а забележани се и одрони на патниот правец Охрид  – Св. Наум кај Пештани, како и на други места. Најмногу штета од поплавите има во Велгошти соопшти локалната самоуправа. Екипи на јавните претрпијатија се на терен и ги санираат последиците од големото невреме. 

Најголем интензитет невремето имаше околу 2 часот по полноќ. Делови од Охрид тогаш останаа и без електрична енергија, а силниот ветер и интензивните електрични празнења предизвикаа немир меѓу населението. Како последица од невремето на места во градот денеска нема интернет.

Повеќе врнежи од Охрид забележани се само во Пожаране (100л/м2) и во Крушево (99л/м2)

Според најавите денеска ќе преовладува облачно време со повремен до умерен дожд. Врнежите ќе бидат пообилни кон крајот на денот и во текот на ноќта, особено во западните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Максималната температура во Охрид ќе достигне до 17 степени Целзиусови.

Г.М.