Во интервју за OhridNews, по повод 15 години стендап кариера, охридскиот актер и комичар зборува за јубилејот, слободата на говорот, шундот, семејството и големото финале на Summer Comedy Marathon.
Петнаесет години по првиот настап пред публика, охридскиот актер и стендап комичар Никола Тодороски на 13 август на стадионот „Билјанини Извори“ ќе го одбележи својот професионален јубилеј со спектаклот „Опстанок“, кој воедно ќе биде и големото финале на овогодинешниот „Summer Comedy Marathon“.
Во ексклузивно видео интервју за OhridNews, Тодороски прави ретроспектива на својот пат од првите настапи, кога стендап комедијата беше речиси непознат жанр во Македонија, до денешната сцена која, како што вели, е изградена со заеднички труд на мал број ентузијасти.
Пред 15 години луѓето не знаеја што е стендап. Денес тоа е многу попознат жанр, но тоа не е заслуга на еден човек, туку на сите колеги кои со години работеа да ја изградат сцената, вели Тодороски.
Иако јубилејот не го смета за голема бројка, вели дека токму сега почувствувал потреба успехот да го сподели со публиката.
Шоуто се вика ‘Опстанок’ затоа што мислам дека на сите ни недостига момент на заедништво и позитивна енергија. Секојдневно сме изложени на лоши вести, економски проблеми и стравови кои ни ги празнат батериите. Сакам оваа вечер барем накратко да ни ги наполни повторно, истакнува тој.
Во интервјуто Тодороски отворено зборува и за состојбите во културата, оценувајќи дека јавниот простор сè повеќе го заземаат шундот и содржини со сомнителен квалитет, додека домашните уметници остануваат на маргините.
Погледнете што ни се сервира во ударните термини. По телевизиите и медиумите најпопуларни се политичарите, а уметниците седат дома и немаат простор да ги покажат своите квалитети. Зошто да биде така? Македонските артисти треба да си го заземат своето место, порачува Тодороски.
Според него, културната понуда е директен одраз на општеството, а ако со години на публиката ѝ се сервираат исти содржини, сосема природно е тие да станат мерило за вредност.
Во разговорот тој зборува и за слободата на говорот, улогата на уметноста во современото општество, за семејството кое свесно го држи далеку од јавноста, своето хоби, но и за почетоците на кариерата, илустрирани со архивски снимки од неговите први настапи.
Може да имаме и пристојни примања, но ако немаме културен живот и ако немаме со кого да ги споделиме човечките емоции, ништо не сме направиле. Уметноста е најдобриот начин тие чувства да ги изразиме, вели Тодороски.
Целото интервју, во кое Никола Тодороски без задршка зборува за професионалниот и личниот пат, но и за предизвиците со кои се соочува македонската културна сцена, гледајте на OhridNews. На крајот од разговорот тој упатува покана до публиката да биде дел од спектаклот „Опстанок“ на 13 август на стадионот „Билјанини Извори“, со кој ќе бидат одбележани 15 години од неговата стендап кариера. Вечерта ќе започне со DJ FACE, за загревањето ќе се погрижи Никола „Братучед“ Сиљаноски, а како специјални гости ќе настапат популарното комичарско дуо Тино и Атанас, по што ќе следува новото стендап шоу на Никола Тодороски „Опстанок“. Билетите се достапни онлајн преку HAHAHA.mk и Tix.mk.
Г. Момироски
Видео и фото Анамарија Момироска
















