Од неодамна Сончарките живеат и во водите на Охридското Езеро. Членови на Нуркачкиот центар „Амфора“ успеаја да го снимат животот на оваа риба, која по се изгледа се одомаќини во езерото. После подолга опсервација на овој вид риба, кој природно не припаѓа во ендемичниот екосистем на Охридското Езеро забележавме многу интересни моменти особено во нејзиното однесување за време на мрестење, велат од „Амфора“.

Тие главно се хранат со инсекти и ларви, а широко распространетите перки во текот на нејзиното движење претставуваат одбранбена функција. Како што може да се забележи и на видеото, најгресивното и најчесто однесување е “фронтална закана” која се карактеризира со брзо нафрлување, удирање и бркање на рибите кои се во непосредна близина, а во крајни случаи проследено со благо каснување, со цел да ги заштитат границите на својата територија. Доколку сончарката се чувствува инфериорна во обидот да ја одбрани територијата најчесто бојата и потемнува од страните. –  истакнува Јован Секулоски, од Нуркачкиот центар „Амфора.“

Сезоната на мрестење значи присуство на мажјаци во плитки, кружни гнезда кои тие ги бранат од другите сончарки затоа што најчесто ги градат овие гнезда во групи, а и мрестилиштата им се во непосредна близина. По завршување на мрестот, групата сончарки ја напушта локацијата, воочиле нуркачите од „Амфора“.

Најчесто ги има во плитки води на длабочина од 3-5 метри, но забележавме и повеќе јата на длабочина од 10-15 метри во присуство на други риби. – вели Секулоски.

Сончарката (Lepomis gibbosus Linnaeus, 1758) во Охридското Езеро беше забележана во 2018 година. Но освен овој неавтохтон вид риба, истата година во Охридското Езеро беа уловени уште два вида кои не припаѓаат природно на овој еко систем: толстолобик, кој никогаш порано не се среќавал во водите на Охридското Езеро, но за среќа во природни услови не се мрести и не може да остави подмладок, како и  јапонски крап, аквариумска украсна риба која најверојатно била исфрлена во езерото. Тоа ги загрижи експертите од Хидробиолошкиот завод кои предупредија на опасноста од нарушување на ионака нарушениот баланс на рибниот фонд на езерото.

OhridNews