Охрид живее тешка туристичка сезона. Што поради корона кризата, што поради однесувањето на младите посетители, кои продолжуваат непријатно да изненадуваат секојдневно. По нестварната глетка од центарот на градот кој секое утро е прекриен со ѓубре, од стариот дел на Охрид ни доаѓа видео на кое се гледа како младите се „забавуваат“ во ноќните часови низ тесните сокаци кои водат до црквата Св. Јован Канео. Во групи тераат седенки со пијалак и гласна музика не водејќи сметка за мирот на локалните жители и туристите кои дошле вистински на одмор.

Вака е секоја вечер. Млади насекаде, а нема кој да ги санкционира. Револтот кај мештаните е голем, луѓето се на раб на нерви. Затоа апелирам надлежните институции и полицијата најитно да преземат мерки пред да биде доцна. – вели револтиран жител од стариот дел на Охрид.

Ваква е сликата и на Античкиот театар и на другите места во Стар град, посочуваат локалните жители, кои велат дека не паметат ваква сезона во туристички Охрид.

Г.М.