Одговорните во Струга се сомневаат дека некој намерно среде туристичка сезона ја запалил депонијата, која се наоѓа во околината на градот.

Пожарот е предизвикан од несовесни граѓании, но може да има и друга позадина, или тоа да се прави од политички побуди, за што има сомневања во јавноста, вели Гарип Каба, директор на ЈП „Комунално“.


Гарип Каба

Депонијата се запали викендот и ја обви Струга во чад, кој се гледаше дури од Охрид. Граѓаните се жалат на непријатната миризба која се шири од депонијата и бараат решавање на проблемот.

-Чади секогаш, ѓубриштето го горат без контрола, ова е туристичко место треба да има некоја поголема контрола.-изјави граѓанин на Струга.


Чадот од запалената депонија во Струга беше видлив од Охрид

Со интервенција на противпожарната единица и вработените од „Комунално“ Струга, пожарот на депонијата, со која инаку стопанисува концесионер, е изгаснат, но проблемот останува, вели директорот на јавното комунално претпријатие.

-Мора со структурите на државата да преземеме дејствија депонијата да ја одалечиме од ова место затоа што е проблем за здравјето на луѓето.-изјави Гарип Каба, директор на ЈП „Комунално“.

Тој истакна дека проблемот е долгогодишен, и дека бил игнориран од поранешните локални власти, поради што депонијата во Струга претставува потенцијална бомба која сериозно му се заканува на градот.

Мате Гогоски од ЕД „Енхалон“, вели дека не е прв пат да се пали депонијата во Струга, посочувајќи дека ваквата појава се повторува секоја година.

-Триесет години ништо не се презема, а можеше ова прашање да биде решено. Од неработење останавме на ова дереџе да нема каде да се фрла ѓубрето и се пали со што се труе народот со години.- рече Гогоски.

Проблем со депонирање на отпадот имаат и Охрид, Дебарца и другите општини во југозападниот плански регион. Решението општините го гледаат во изградба на регионална депонија, но процесот се уште е на почеток.

Горан Момироски