Македонката Зорана Лебедик (35 години) пред два дена е убиена со истрел од огнено оружје во државата Флорида во САД, јавува националната телевизија „Телма“. Неофицијало Лебедик,  дипломиран фармацевт од Охрид која во САД престојувала туристички била застрелана со еден куршум во телото додека возела велосипед во мирна населба  на авенија во Клирвотер.

Настанот се случил во неделата вечерта околу 23.30 часот. Очевидци чии изјави ги пренесуваат американските медиуми изјавиле дека не виделе напаѓач туку само тело на девојка облеано во крв. Не се исклучува можноста охриѓанката да била погодена од заскитан куршум, но што точно се случило се чека да соопшти американска полиција по завршување на истрагата и резултатите од обдукцијата на телото на загинатата.


Американските државни служби преку телеграма вчера ги известиле македонското МНР и МВР за убиството. По завршување на истрагата со посредство на македонскиот конзулат и амбасадата во Вашингтон, телото ќе биде навремено пренесено во Македонија.

Од министерството за внатрешни работи денес изразија подготвеност , доколку има потреба и тоа се побара од нивна страна, да се вклучат во истрагата за разрешување на убиството. – Според спецификата на случајот водечката улога ја имаат истражните органи во земјата во која се случил настанот, но ако на било каков начин можеме да се вклучиме во истрагата во рамки на меѓународната полициска истрага, целосно сме подготвени тоа да го направиме, изјави денес министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Зорана со сопругот, исто така охриѓанец, живееле во Скопје.

OhridNews