Во струшко Бороец викендов затекнавме славеничка атмосфера. Се прославуваше 100-от роденден на дедо Драган Шуминоски. Поранешниот угостител и страствен ловџија со витка става од утрото пречекуваше гости во својот дом. Немаше сили да запее, но затоа не заборавил да ја рецитира омилената песна.

Драган живее со својата 15 години помлада сопруга Крстана, која сега се грижи за него. Таа ни ја откри тајната на долговечниот живот на сопругот кој до неодамна не знаел што се тоа лекарства.

 – Тој секогаш јадеше на време,  не се секираше толку и  мене никогаш не ме искарал за ништо. Јаде многу шеќер, тоа го одржува. Порано си пиеше ракија и вино, ама лек  немаше примено се до годинава, тој не знае што е апче, вели баба Крстана.


Крстана и Драган Шуминоски

Дедо Драган со Крстана живее 60 години, а претходно имал уште еден брак. Покрај на четирите деца, во животот им се израдувал и на 7 внуци и 11 правнуци раселени во повеќе држави од Балканот до далечната Австралија. Оттаму на гости му дојде ќерката Васа Секулоска.

– Дојдени сме да го прославиме 100-от роденден и  поканивме многу роднини и пријатели да го одбележиме овој убав момент, ни изјави ќерката Васа.


На роденден од далечната Австралија

На гости на Шуминоски им дојде и Веса Мариновиќ со семејството, сестра на Крстана која во родното село не била одамна.

– Не сме се виделе 40 години, сега дојдовме на стотиот роденден на зетот, нека му е со среќа и сите да доживеете 100 години, рече Веса Мариновиќ.


Средба на сестри по 40 години

На веселбата присутни беа и  внуците, кои кажаа дека се среќни што нивниот дедо доживеал 100 години.

– Среќни сме  и задоволни. Господ нека дава долг живот на сите и посакуваме Македонија да стане, да речам вака условно, земја на стари луѓе кои што ќе проживеат долги години од својот живот. – изјави Наум Шуминоски, внук на Драган.


Дедо Драган има 7 внуци и 11 правнуци

На гости на дедо Драган му дојдоа и соселаните, православни и муслимани, кои на славеникот му врачија часовник.

-Овој часовник бавно нека ти ги одбројува годините и да ни поживееш уште долго затоа што има гаранција за уште 100 години, рече Ружде Смајлоски, претседател на Месната заедница во село Бороец.


Цело село на роденден

За стотиот роденден дедо Драган доби три торти, а на прославата што се одржа во старото основно училиште гостите му посакаа да го надживее дедо Бајрам, кој со своите 113 години е најстариот жител на селото кој живеел до пред половина век.


Дедо Драган го одбележа 100-от роденден

Горан Момироски