Хорската атракција од Белград, „Вива Вокс“, на фестивалската публика во Охрид и приреди незаборавна вечер на Античкиот театар. Уште од самиот почеток хорот кој е познат по неверојатните гласови кои експериментираат со различни музички жанрови, воспостави одличен контакт со гледачите кои со овации ги проследија изведбите на „Вива Вокс“.


На концертот што се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“, публиката синоќа можеше да чуе неверојатни преработки на безвременските хитови на „Квин“, „Ред хот чили пеперс“, “Продиџи“, „Нирвана“, и секако „Ду Хаст“, на германскиот индустријал-метал бенд „Раммстеин“, која на „Вива Вокс“ и донесе светска слава на . На долгите аплаузи од публиката на исполнетиот Антички театар, „Вива Вокс“ се заблагодари со изведба на старата македонска народна песна „ Ајде слушај, слушај калеш бе Анѓо“.

Хорот „Вива вокс“ од Белград е формиран пред десетина години од група матуранти и нивниот професор по музика, како продолжение на музичка соработка со гимназискиот хор. Хорот сегашното име го доби во 2005 година, а во 2009 година го воведоа битбоксот во нивната изведба, која, заедно со аранжманите на песните од членовите на хорот, формираше единствен звук со кој се прославија низ светот.


Звукот на хорот „Вива вокс“ претрпе многу трансформации, а денес е окарактеризиран по автенитчните „а капела“ интерпретации на поп-рок и алтернативна музика, придружена со битбокс. Откако стана признат од публиката и медиумите, хорот продолжи со нивната популарност во родната Србија, како и во останатиот дел од светот, што, пак резултираше со турнеи во Полска, Чешка, Австрија и многу други земји. Врвот на нивната досегашна кариера е концертот во салата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 14 јануари 2013 г. по повод Православната Нова година.

OhridNews