Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Оддел за недозволена трговија со дрога во координирана акција и соработка со СЕКИ/СЕЛЕК Центарот во Букурешт, пресече меѓународен канал на недозволена трговија со синтетичка дрога екстази – амфетамин на релација Р.Бугарија –Р.Македонија – Р. Косово, кој бил организиран од страна на меѓународна криминална група, а синтетичката дрога била наменета за македонскиот и косовскиот нарко пазар.

Како штп соопшти МВР, случајот е реализиран по претходно спроведена истрага под оперативно име „Техно“ и со примена на посебни истражни мерки, на подрачјето на Скопје и Велес. При претрес во возило со скопски регистерски ознаки и стан во Велес запленети се вкупно 10.355 парчиња синтетичка дрога екстази – амфетамин со втиснато лого М(моторола), околу 300 гр. марихуана, семки од марихуана, околу 50 грама амфетамин во прашкаста материја и истата е  најголема заплена на МВР на синтетичка дрога екстази – амфетамин. Вредноста на запленетата количина на синтетичка дрога на „нарко пазарот“ изнесува околу 80.000 евра.


Според сознанијата на МВР транспортот на синтетичката дрога бил организиран по претходен договор помеѓу бугарски  државјани  и македонските државјани М.С. од Велес и М.С. од Скопје, при што од страна на бугарски државјанин на 18.11.2011 година на М.С. во Велес му биле предадени 10355 таблети синтетичка дрога екстази –  амфетамин, од кои 2047 задржал за себе, а останатите 8.308 му ги предал на  М.С. истиот ден во Велес.

При реализација на случајот, во Велес од слобода е лишен М.С., познат локален дилер на наркотични дроги,  по што е извршен претрес во неговиот дом каде се пронајдени: 2047 таблети синтетичка дрога екстази – амфетамин, околу 300 гр. марихуана, 2 пластични пакувања од киндер јајце со семки од марихуана и околу 50 грама амфетамин во прашкаста форма бела боја.

При претрерсот во домот на С.Р., татко на М.Р. инволвиран во случајот, пронајдено било огнено оружје револвер.

Против бугарскиот државјанин кој е недостапен за органите на прогонот, како и против М.С.(35) од Скопје, М.С.(32) од Велес и М.Р.(21) од Скопје, ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’, најави МВР.

OhridNews