Во пресрет на најголемата светска еколошка акција кога во едночасовен мрак ќе потонат преку 7.000 градoви во над 170 држави, организацијата на Часот на планетата Земја во Македонија го промовираше македонскиот видеоспот за акцијата за 2016 година, која ќе се одржи во сабота на 19-ти март 2016 во 20:30 часот. Мотото на глобалната акција оваа година е „Заблескај светлина на климатските промени“.
Во рамки на едноминутното видео се опфатени инсерти од локациите кои го исклучија осветлувањето за Часот на планетата Земја изминатите години во Македонија.
-Навистина беше предизвик да се сними една ваква моќна реклама која ја става Македонија на мапата како една од најголемите земји кои ја одбележуваат оваа светска еколошка акција, но во исто време и ја промовира убавината на нашиот главен град и останатите локации кои ги прикажуваме во рекламата, на глобално ниво. Посебно интересен е моментот кога волонтерите на Црвениот крст заедно со познатите личности ги пуштаат во воздухот хартиените фенери, со што всушност ја пренесуваме главната порака на акцијата оваа година – да заблескаме светлина на климатските промени, изјави Ѓорги Селков, главен иницијатор на акцијата Часот на планетата Земја во Македонија.
И македонските познати личности ја искажаа својата поддршка за акцијата. Сашко Коцев, Димитар Атанасовски и Огнен Јанески се само дел од личностите кои оваа година ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја, испраќајќи порака за опасноста од климатските промени.
Веќе се познати дел од локациите на кои ќе биде исклучено осветлувањето во Скопје, а организаторите најавуваат дека ќе биде надминат минатогодишниот број од 64 локации кои потонаа во мрак за Часот на планетата Земја.
Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.
OhridNews