-Прекрасен примерок, ја гледам, ја гледам. Ја фативме. Еј знаеш дека ова е незаконски! – возбудено довикува странец додека мештаните со кои е во кајче вадат парче риба од езерото.
Оваа снимка до која дојде OhridNews е од минатото лето, а на интернет може да се сретнат и разни фотографии како рибокрадците се фалат со изловената риба.
Охридското Езеро сеуште нема концесионер, и физички не е соодветно обезбедено. Во моментов за рибниот фонд се грижат полицијата и Хидробиолошкиот завод од каде деновиве ги зголемија мерките на безбедност поради сезоната на мрест на пастрмка, кога оваа риба е најранлива и е најмногу на удар на рибокрадците.
-Засилена е контролата од страна на Езерската полиција и другата полиција, како ина службата на Министерството за земјоделство и со наши 8 рибочувари кои се вклучени во ловот за вештачки мрест и заштита на природните плодишта, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод Охрид.
Во моментов се врши излов на пастрмка за потребите на вештачкиот мрест кој се спроведува во мрестилиштата на ХБЗ, на Институтот за сточарство во Шум и во Лин Албанија. Надлежните се надеваат дека заедно ќе успеат да обезбедат 3,5 милиони одгледуван подмладок, што е биолошки минимум неопходен за опстанок на овој загрозен вид риба, чиј најголем непријател и натаму е човекот.