Вооружени терористи држеа во заложништво патници и се обидоа да киднапираат летало на аеродромот „Св. Апостол Павле“. За среќа не се работеше за вистински настан, туку за вежба во која терористите всушност беа студенти од Факултетот за драмски уметници, кои по 24-часовни преговори беа совладани од специјалните полициски сили и другите безбедносни служби.
-Целта на вежбата беше да покажеме подготвеност и да ги увидиме сите аномалии при извршување на некаков терористички акт поврзан со аеродромите во РМ, изјави Тони Јакимовски, командант на вежбата.
Покрај специјалните полициски во акцијата учествуваа и хеликоптерската единица на МВР, а проверка на способноста за реакција во вонредни ситауациибеше извршена и на СВР Охрид, Граничната полиција, како и на безбедносните служби на охридскиот аеродром. Јакимовски истакна дека надлежните безбедносни служби не располагаат со информации дека на Македонија и се заканува опасност од тероризам, но доколку евентуално се случи некаков напад, Специјалните антитерористички сили се подготвени да одговорат.
-Она што се случува во соседството ни укажува дека мора да бидеме спремни. Управата за безбедност и контраразузнавање ги врши сите подготовки за да не се случи такво нешто, а оваа вежба ни укажува што доколку се случи, додаде Јакимовски.
Јакимовски истакна дека МВР во борбата против тероризмот кој претставува најголема закана по светскиот мир, соработува и се координираат со странските служби, чии претставници ја следеа вежбата во Охрид.