Повеќе од еден век дерби пресметките меѓу Рапид (зелените) и Австрија Виена (виолетовите) се мечеви за кои долго се зборува во австриската престолнина. Виенското дерби кое е едно од најстарите градски пресметки е “само“ второ по број на одиграни средби. Повеќе пати во градските пресметки се сретнале само Селтик и Ренџерс во “Олд Фирм“ дерби во Глазгов.
Билетите за мечевите меѓу лутите ривали се како по правило предвреме распродадени , а тоа беше исто така случај и со 307 дерби кои се одигра пред 11500 гледачи во Фаворитен (населба на Виена) на популарната “Генерали Арена“.
– Дерби пресметките се нешто навистина посебно. Притисокот се зголемува со одбројувањето на деновите. Луѓето се повеќе зборуваат за него, медиумите одвојуваат повеќе простор за него, и атмосферата и тоа како се подигнува на високо ниво. Фудбалерите знаат оти овие мечеви се и тоа како важни за клубот но и за навивачите, се работи за три поени но и за голем престиж, го живееме сонот во Лигата на Шампиони, но победа во дербито е и тоа како слатка , – рече капитенот на “виолетовите“ Мануел Ортлехнер кој беше прогласен за играч на мечот во Лигата на Шампиони против Зенит.
Број еден во Виена сме ние Број еден во Виена сме ние, тоа е желбата но и мотото на армијата навивачи на двата клуба. Но фановите на двата клуба жалат за минатите времиња кога дерби мечевите биле вистинска “војна“ .
– Победата во дерби мечевите е и тоа како важна, до наредниот меч “ние“ сме број еден тим, сеедно е кој каде е пласиран на табелата. Дерби пресметките порано носеа повеќе жар имаше повеќе борба, фудбалерите сакаа победа по секоја цена. Црвените картоните беа нормална работа, сега се` се сведе на победа за фановите. Фудбалерите на овие мечеви гледаат како на секој обичен, но за нас фановите не е воопшто така – рече Андреас Хофер , навивач на Рапид.
Во последната дерби пресметка Австрија влезе со серија од десет меча без пораз. – По ваква серија победите против Рапид ни станаа навика. Секако дека победата против “зелените“ е важен момент сезоната – потенциаше Стефан Аг, навивач на Австрија Виена.
За обајцата титулата е поважна од настап во Лигата на Шампиони. Сезонава тимовите од Виена имаат различни искуства од мечевите во Европа.
– Пласманот во Лигата на шампиони беше голем успех. Во Лигата на шампиони екипата игра според очекувањата. Сепак Лигата на шампионие е нешто посебно – рече Аг кој бил дел од 45 –те илјади гледачи на “Пратер“ во поразот од Атлетико Мадрид со 3-0.
Рапид игра во Лигата на Европа и се уште чека на својата прва победа. Двете ремија во трите меч за Хофер не се разочарувачки резулат. – Делимично сум задоволен. Освен на мечот против Тун (0-1), на високо ниво против Динамо Киев (2-2) и Генк (1-1), но на жалост добрата игра не ја крунисавме со победа, вели Хофер.
Победа на Рапид по две години Рапид како гостин ја совлада Австрија Виена со 1-0 и по две и пол години се радуваше на победа во “Винер Дерби“. До 125. победа во 307 меч “зелено-белите“ стигнаа со голот на Теренс Бојд во 88 минута. За тренерот на зелените Зоран Баришич ова беше прв триумф на клупата на Рапид. Тој како фудбалер на Рапид ја тресеше мрежата на “виолетовите“ а сега како тренер се радуваше на победата.
– Дерби мечевите се секогаш нешто посебно . Победа во “Фаворитен“ е тоа е нешто извонредно. Посебно се радувам на нашиот триумф кој можевме да го споделиме со нашите навивачи кои насекаде доаѓаат да не бодрат. Дечките тренираат вредно, напорно работиме и оваа победа дојде како награда за вложениот труд – истакна Баришич.
Човек на одлука беше американскиот интернационалец Теренс Бојд кој со глава го матирше противникот. Ова беше негов прв погодк во дерби пресметките.
– Прекрасно е чувството да се “освои“ Виена и тоа на гостински терен. Овај меч е меч кој се игра за навивачите, токму нив им го посеветувам овој гол и оваа победа – рече “меч винерот“ Бојд.
Поразот од Рапид дојде во незгоден момент за Австрија која се наоѓа во резултатска криза. Хрватскиот стратег на клупата на Австрија Ненад Бјелица не го криеше разочарувањето по поразот од лутиот ривал.
– Она што го одигравме е премалку за актуелниот првак и учесник во Лигата на шампиони. Ќе мора да ги засукаме ракавите и напорно да работиме за да се вратиме на победничките патеки. Нешто ќе мора да се менува – истакна Бјелица кој летово седна на жешката клупа и успеа да ја одведе Австрија во Лигата на шампиони.
Рапид имаше контрола на играта, но најдобрите прилики ги имаа “виолетовите“ кои преку Хосинер и Киенаст ја погодија пречката на голот на Новота.
– Пех, не следи малер. Овие вакви можности минатата година завршуваа со погодок- рече Киенаст кој ја имаше најзрелата прилика за домаќините.
По првата третина од шампионатот лидер во Австриската Бундеслига е Ред Бул Салцбург со 31 поен, Рапид е трет со 20, додека минатогодишниот шампион и учесник во Лигата на Шампиони, Австрија Виена се наоѓа на 5. место со 15 поени.
Од Виена, Австрија : Мирко Постоловски