Сопствениците на викенд-станови на Охридската ривиера и оваа туристичка сезона ќе зграбат најголем дел од туристичкиот колач, иако немаат направено категоризација за сместување гости и не плаќаат туристичка такса.
Дел од туристите кои престојуваат во овие станови велат дека сместувањето го резервирале преку роднини и пријатели.
-Сопствениците на станот во кој сме сметени се од Тетово, ги најдовме преку едни наши пријатели кои претходната година беа тука. Станот е двособен, убаво наместен, лоциран е близу до центар и за него плаќаме по 1200 денари дневно. Сместени сме четворица што значи дека плаќаме по 300 денари за лице, што е навистина поевтино од оние станови кои ги издаваат овдешните станоиздавачи, вели Ристо Е. турист од Гостивар кој својот летен одмор го поминува во Охрид.
Млади девојки од Скопје кои се сместени во стан во населбата „Христо Узунов“, велат дека сопствениците од станот им го дале клучот од Скопје.
-Во овој стан бевме и минатото лето и затоа годинава сопствениците ни го дадоа клучот директно од Скопје и воопшто не доаѓаа тука. Вкупно сме пет другарки и плаќаме 1300 денари на ден. Газдите не предупредија дека ако дојде контрола да кажеме дека сме внуки на сопстваникот и дека престојуваме бесплатно, ни појаснија девојките.
Приватните издавачи на станови, кои егзистират од туризмот, се жалат дека ваквата нелојална конкуренција која по традиција е присутна во текот на изминатите неколку години, оваа сезона го достигнала својот врв.
–Викенд становите буквално ни го земаат лебот од уста. Главната вина за оваа состојба е големата урбанизација, поради која Охрид во моментов по некои проценки има бројка од околу 4.000 викенд-станови. Нема логика ние да уредно да ја плаќаме туристичката такса за секој сместен турист, а сопствениците на викенд станови да не платат ништо за нивната заработка. Сметам дека крајно време е да се воведе некаква давачка и за нив, бидејќи вака освен што прават нелојална конкуренција, ги уриваат и цените за сместување, вели еден приватен станоиздавач од Охрид чие семејство егзистира од туризмот.
Од Локалната самоуправа од Охрид велат дека освен на регистрираните станоиздавачи, викенд становите му нанесуваат и голема штета и на општината, бидејќи сместуваат гости за кои не плаќаат туристичка такса.
-Ние неколку пати на оваа тема сме се консултирале и сме држеле состаноци со претствниците на полицијата, со инспекторите на Пазарната инспекција и на УЈП. Во однос на нерегистрираните станоиздавачи, туристичката инспекција може да изврши контрола само по претставка односно писмена пријава од лица, дека на одредена локација се врши нелегално издавање на станови за гости. Но и покрај пријавата, инспекторите немаат право да влезат во станот, бидејќи за тоа исклучиво е надлежна само полицијата која за да го направи тоа треба да има налог од Јавен обвинител. Значи во овој дел ние како локална сме со врзани раце и без некои големи можности да реагираме, бидејќи не смееме да упаѓаме во станови за да вршиме контрола, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.
Тој појаснува дека општината може само да влијае на подигнувањето на јавната свест за наплата на туристичката такса преку издавање на флаери и медиумски кампањи за почитување на законските норми во однос на пријавувањето на станови и апартмани кои што се издаваат за туристички намени.
Инаку во согласност со Годишната програма на Секторот за туризам и локален економски развој предвидено е субвенционирање на дел од уплатената такса за привремен престој на домашните и странските туристи, за физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид.
Целта на оваа активност е поттикнување на физичките лица запишани во регистарот на физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид уредно да ја водат евиденцијата за престојот на гостите во својот сместувачки објект, со што ќе се стимулира редовната наплата на ТПП и ќе се избегне нејзиното прикривање.
Е.М