По неколкугодишна пауза, фестивалот на вино и сирење се врати на туристичката понуда на Охрид. Свеченото отварање беше вечерва на плоштадот кај Чинарот. На повеќе штандови производители на вино и сирење од земјава и регионот ги претставија своите производи.
На штандот на Скендер Аме, охриѓани и туристите имаат можност да вкусат галичко сирење произведено на традиционален начин.
-Нема голема тајна за производство на добро сирење. Се зависи од човекот, дали си работник и љубител на млеко. Најважна е хигиената и „мајата“ и се разбира соодносот на сол, на што треба да се внимава. Нашето сирење се произведува според рецепт од нашите предци, од дедо прадедо. Заработка има, иако цените не се високи, исти се со години поради нискиот стандард на граѓаните.-вели производителот на квалитетно овчо сирење Скендер Аме.
Покрај сирење со одличен квалитет, Македонија може да се пофали и со врвни вина.
-Квалитетот е многу добар. Интересот засега е подобар во земјата, отколку надвор од неа, и на тоа треба да се поработи. Ваквите манифестации се еден од начините за промоција на нашите вина, иако веќе туристичката сезона во Охрид е при крај. Сметам дека многу повеќе треба да поработиме на презентација на нашите вина на меѓународните саеми, бидејќи таму може да дојдеме до странските туристи. – вели Гоце Трпеноски, претставник на винаријата „Стоби“.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Тој на присутните им даде докторски совет, за добро здравје да конзумираат вино и сирење.
-Како доктор, кардиолог, не можам, а да не се осврнам на виното, сирењето и здравјето. Општо познато е дека црвеното вино е благодет за крвните садови и срцето, па ние докторите секогаш препорачуваме да се испие чаша црвено вино во текот на денот, тоа е најдобро да се направи со ручекот и тоа како што препорачуваат нутриционистите да се комбинира со сирење, за да се постигнат дополнителни ефекти за вашето здравје. Значи пред да го прогласам фестивалот за отворен, би рекол дека ова е Фестивал на виното, сирењето и здравјето.-рече Бакрачески.
Фестивалот на вино и сирење ќе трае два дена.
Г.М.