Товарот во досегашниот тек од кризата предизвикана од корона вирусот, која предизвика сериозни економски последици кои ќе бидат подолготрајни, од почетокот на пандемијата е на приватниот сектор и приватните компании. Таквата состојба не е одржлива и потребно е да се изнајде фер решение, смета Виктор Мизо –  Претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство и генерален менаџер на „Костал Македонија“.

Ова беше тема на разговори и во Економскиот совет, каде беше посочено дека целиот товар  во пандемијата до сега беше на приватниот сектор, а не и на вработените во јавниот сектор. Од таа гледна точка можеби треба да се има предвид дека треба да има фер распределба на товарот и треба да се има предвид на кој начин вработените од јавниот сектор ќе преземат дел од  тој товар. – рече Мизо во видео гостувањето во емисијата „Топ Тема“, што се емитуваше синоќа.

Што се однесува до мерките од државата за поддршка на компаниите во време на ковид кризата, Мизо уште еднаш посочи дека приходите не треба да се единствен критериум при распределбата на државната помош.

Во 3 и 4 квартрал дел од мерките за намалување на последиците врз економијата не беа апликативни на странските компании со технолошки напредно производство. Пред се капитално ориентираните компании кои имаат големи инвестиции од јуни наваму не беа во можност да ги користат тие бенефиции. Оттаму сметаме дека како една алтернатива, освен падот на приходот, треба да се зема предвид и нивото на инвестициите во споредба со приходот од минатата година. – истакна првиот човек на „Костал Македонија“.

Мизо го повтори ставот дека за странските компании со технолошки напредно производство ликвидноста не е проблем и оттаму за нив е прифатливо средствата за нивна поддршка да бидат исплатени подоцна идната година. Но, важно е, додаде тој, тие да бидат опфатени со државната помош, од причина што менаџментот на странските компании кој е во Европа, или САД, при планирањето каде ќе инвестира или реинвестира во иднина, гледа каде нивните компании и на кој начин се поддржани од државата.

На крајот од денот тие одлуки не ги носиме ние овде. Тие компании имаат сопственици, дел од нив се приватни, дел се на берза. Мора да се знае дека ние не се бориме само внатре во Македонија, туку и со многу земји како од регионот, така и во Европа и Светот. – истакна Мизо.

Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, предочи дека последните години Србија и Бугарија успеаја да привлечат голем број странски компании, некои од нив кои веќе беа присутни кај нас, додавајќи дека реинвестирањето не се случи во Македонија, туку кај нив.

OhridNews