Како изгледале ранохристијанските базилики на Плаошник и Студенчишта во полн сјај пред 1.500 години? Одговорот денес не е само во археолошките книги, туку и пред очите на посетителите – преку 3D моделирање и виртуелна реалност.

Се работи за соработка која ја остваривме со престижниот универзитет Саламанка во Шпанија и истакнатиот професор Хорхе Миравалес Овиеро, кој работи на овие нови медиуми во интерпретацијата на културното наследство. Како пример ја зедовме поликонхалната базилика на Плаошник. Бидејќи со години сум работел на реставрација на нејзините мозаици и ја имам целокупната документација, лесно ја создадовме сликата за тоа како овој мозаик изгледал пред 1.500 години кога бил во полн сјај, вели Никола Упевче.

Ова се почетоците на оваа возбудлива нова технологија. Се надевам дека ќе се имплементира на повеќе локалитети и дека ќе продолжиме да ги доближуваме овие важни споменици до пошироката јавност преку нови медиуми и начини на презентација, потенцира Упевче.
Токму примената на современите технологии и одржливиот развој беа во фокусот на меѓународната работилница што се одржува во Охрид, во рамки на програмата на Министерството за култура и туризам. Настанот ги собра учесниците од земјите-членки на Форумот на словенски култури, откако Охрид лани ја освои престижната награда „Жива“ за најдобар словенски локалитет.
Покрај заштитата и одржливиот развој, главна тема е и инклузивноста — локалитетите да бидат пристапни за разноврсна публика, од млади и стари, до лица со попреченост. Бидејќи самиот терен во Охрид географски не е секаде пристапен, преку 3D презентациите, виртуелната реалност и електронските медиуми го правиме културното наследство достапно за секого, вели директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.
Беше потенцирана важноста за отворање на локалитетите кон посетителите и вклучување на локалното население во нивната заштита и презентација.
Планираме да создадеме заедничка мапа на археолошки локалитети која преку подобра организација и промоција ќе им ја понудиме на туристите од Западот и Америка. Посетителите се на прво место, мора да се отвориме кон нив, но клучна е и соработката со локалното население, бидејќи тие луѓе живеат со тоа наследство и први го претставуваат пред гостите, истакна Андреа Рихтер, директорка на „Форум на словенски култури“.
Дигитализацијата не само што ги штити и трајно ги документира античките мозаици од забот на времето, туку ги брише и физичките бариери – претворајќи го богатото охридско наследство во современо, инклузивно искуство достапно за секој посетител.
Г.М.















