На тендерот што го распиша Владата за изградба на винарии во општина Дебрца, не се јавил ниту еден потенцијален инвеститор.
Од општината сметаат дека проблемот е во високата цена која државата ја бара за изградба на винарии во Дебрца.
– Мешеишко–требенишкиот дел е богат со лозови насади и иницијативата беше да се изготви урбанистички план за изградба на винарија на тој простор, за што беше распишан и тендер. Заинтересирани странки немаше, можеби цената е повисока, бидејќи приватно да се купи земјиште чини од 1 – 1,5 евро , а на тендерот почетната цена беше 200 денари за метар квадратен, вели градоначалникот на Дебрца, Љупчо Којчиноски.
Министерството за транспорт и врски во јуни оваа година објави оглас за продажба на 9 градежни парцели во општина Дебрца наменети за изградба на винарски визби. Понудените градежни парцели се со површини од 2.299 до 2.644 метри квадратни. Неколку инвеститоти покажале интерес за проектот, но на распишаниот тендер, подоцна, никој од нив не доставил понуда.
Градоначалникот Којчиноски очекува државата да ја намали цената за откуп на земјиште за изгрдаба на винарии во општина Дебрца, со што според него ќе се привлечат инвеститорите.