Вкупниот долг на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ изнесува 97.776.000 денари,  од кои 49.956.000 денари се  обврски кон добавувачи. Обврските по основ на кредит кон „Охридска банка“  се во висина од 16.491.000 денари, а обврските по извршни судски решенија  27.329.000 денари, информира на денешната прес конференција ВД директорот на претпријатието, Елена Скрческа, која додаде дека дел од обврските се  од  јавните претпријатија кои во 2011 се одвоија од ЈП „Комуналец“ .

Покрај долговите, ЈП „Охридски комуналец“ во моментов,  се соочува и со обврски за набавено гориво, како и со недоверба кај добавувачите поради ненавремено исплаќање на обврските кон нив.


– Сега не сме во можност да спроведеме јавна набавка, поради изгубената довербата кај добавувачите, тие повеќе не се јавуваат на тендерите. Во минатиот период обврските кон добавувачите се исплаќале селективно, додека другите мораа по судски пат да ги наплатат своите побарувања, изјави Скрческа.

Таа додаде дека од 2006 година јавното претпријатие работи со блокирана сметка поради извршни судски решенија. Во однос на хипотекарниот кредит добиен од „Охридска банка“, Скрческа рече дека во текот на последните две години, обврските воопшто не биле исплаќани поради што претпријатието секој месец се задолжува со 150.000 денари затезна камата.

– Трошоците за репрезентација треба да се сведат на минимум, само за промовирање на претпријатието. Во 2012 година потрошени биле 616.000 денари за оваа намена, а само во првите три месеци од 2013 за медиумско покривање исплатени се 488.000, онолку колку што било потрошено за цела 2012.Сега се соочуваме и со недостиг на возила за подигање на отпадот, поради бројните поправки. Претходно беа набавени пет половни возила, кои во оваа дејност не се прифатливи затоа што се користат во текот на 24 часа, рече ВД директорката Скрческа.

Како што информира Скрческа, во моментов претпријатието се соочува и со превработеност во секторот за заеднички служби, а истовремено со недостиг на работна сила од општи комунални работници.

– Поради тоа за скоро време ќе се следи анализа на структурата на вработените, со цел ефикасно искористување на работната сила и овозможувајќи секој поединец  да даде придонес во остварувањето на својот личен резултат и да докаже дека од него претпријатието има корист, рече Скрческа.

Таа потенцира дека за да се врати изгубената  доверба кон доверителите, претпријатието  треба прво финансиски да зајакне, да почне навремено да ги отплаќа долговите,  што ќе се постигне само со поголема економичност, рентабилност и поголема дисциплина во работењето. Скрческа додаде дека и покрај бројните проблеми во претпријатието, приоритет ќе биде чист и уреден град, услуга на високо ниво и унапредување на деловните односи со комитентите.

Т.К.