Вкупно 3 доктори на наука и 28 магистри од подрачјето на Охридскиот регион се евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија заклучно со месец февруари 2012 година. Статистичките показатели говорат дека во истиот период лани во Охрид биле регистрирани 21 невработен со магистарски назив и 2 лица кои одбраниле докторска дисертација.

Најголем дел од магистрите се од областа на економските и правните науки но има и такви кои магистрирале ликовна  уметност, филозофија, историја, археологија, дефектологија, психологија, осигурување, меѓународна политика, политички науки, европски студии за комуникација како и други образовни насоки.

Од Агенцијата за вработување во Охрид велат дека во иднина очекуваат зголемување на бројот на магистри и доктори на науки кои ќе бараат вработување.

-Причината за ова предвидување се должи на фактот што поголем дел од факултетите се со реформирано високо образование и студиите ги организираат 3+2 години, од кои вторите најчесто се водат како постдипломски. Исто така зголемувањето на бројот на магистри и доктори на науки ќе биде и резултат на многубројните приватни факултети кои нудат голем избор на современи студиски програми за магистратура и докторирање, велат референтите од агенцијата.

Освен докторите на науки и магистрите, мака со пронаоѓање на работа имаат и 1.057 охриѓани со високо образование. Во евиденцијата на невработени запишани се и  305  невреботени лица  со виша школа и 2.076 лица со средна стручна спрема. Најбројни помеѓу невработените се неквалификуваните работници, со вкупна бројка од 2.397 лица како и квалификуваните, кои се запишани под бројка од 1.995 лица.

Регистарот на Агенцијата за вработување, веќе неколку месеци последователно  покажува дека  повеќе од половина од евидентирните невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години. Од вкупо 8.659 невработени лица во февруари 2012, дури 4.923  имаат 40 години.  На возраст од 30 до 40 години запишани се 1.669  невработени лица, а преку Центарот вработување во Охрид работа бараат и  2.067 лица, помлади од 30 години.

Е.М