Вкупно 755 семејства од охридско имаат поднесено барања за отпис на долгови заклучно со вчерашниот ден. Како што информираат од Центарот за социјална работа во Охрид рокот за поднесување на овие барања истекува во понеделник на 13-ти октомври, а граѓаните од ранливите категории имаат рок од уште 5 дена за да ја достават потребната документација.
Поднесувањето барања за отпис на долговите започна на 18 август, а се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година. Во согласност со условите на огласот, кој го објави Министерството за финансии, долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив треба да е почната постапка за наплата.
-Се отпишуваат долгови по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Со јавниот повик се опфатени три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години, информира Екрем Каљоши, директор на Центарот за социјална работа во Охрид.
Тој објаснува дека за издавањето на решенија за отпис на долговите ќе биде одлучувано на национално ниво.
-Ние ги примаме барањата по сите основи кои што се предвидени со повикот и потоа тие барања се испраќаат во Скопје во понатамошна постапка за одлучување, појаснува Каљоши.
Инаку, како што информираа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заклучно со вчерашниот ден на ниво на Македонија биле доствени околу 34.000 барања за отпис на долгови. Најголем дел или 11.000 се поднесени во Скопје, по што следува Куманово со околу 4.500 барања и Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица, каде се поднесени по повеќе од 1.500 барања.
Министрите најавија дека првите решенија за отпис на долгови ќе бидат издадени помеѓу 20 и 25 октомври 2014 година.
Е.М