Владата на Република Македонија изразува жалење за одлуката на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците. Ова стои во реакцијата на Владата на обраќањето на шефот на државата кој истакна дека нема да го потпише указот за стапување во сила на Законот за употреба на јазиците, дидејќи истиот бил неуставен.

-Во оваа прилика сакаме уште еднаш да нагласиме дека сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. – стои во реакцијата.

Според владата со Законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија.

-Мотивот за донесување на овој закон е грижата за сите граѓани во Република Македонија, во која градиме општество еднакво за сите. Тое е концепт во кој оваа влада силно верува силно и кој ќе продолжиме и понатаму да го унапредуваме. Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик. – се вели во реакцијата на Владата.

Во неа уште се истакнува дека Владата на се определила за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. – велат од Владата.

Од владата тврдат дека законот е донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на РМ, а опозицијата ги имала сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на законот, ни сама донела одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. 

-Законот за употреба на јазиците не го доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија, ниту, пак, употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо кои и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика. Законот ќе биде испратен на мислење во Венецијанската комисија и сите нивни забелешки ќе бидат вградени во текстот на овој закон. Ова е гаранција дека законот не предвидува ништо спротивно од европските стандарди за употреба на јазиците на етничките заедници. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава. – се вели во соопштението на Владата.

OhridNews