Советничката група на ВМРО- ДПМНЕ бара општина Охрид да донесе одлука за ослободување на Владата од плаќање комуналии при изградбата на Свети Климентовиот Универзитет на Плаошник. Ваквото барање е содржано во предлог одлуката за учество на општина Охрид во уредување на градежното земјиште за изградба на комплексот, која по предлог на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, а со подршка на ВМРО- Народна партија беше ставена како точка на дневен ред на 31- та седница.

Изградбата на Свети Климентовиот Универзитет на Плаошник ја сметаме за врвна инвестиција на Владата и затоа општина Охрид треба да донесе одлука за ослободување на инвеститорот од плаќање на комуналии за изградбата. Воедно тоа ќе биде и придонесот на општината во изградбата на овој значаен објект од образовен, културен и туристички аспект, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.


Од советничката група на СДСМ се категорични- оваа точка не требаше да се стави на дневен ред затоа што ги надминува ингеренциите на советот.

Советот има ингеренции да носи одлука за висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште, односно комуналиите, но не може да ослободува некого од плаќање на тие комуналии. Тоа е содржано во Законот за уредување на градежно земјиште. До некакво евентуално целосно или делумно ослободување од плаќање комуналии за изградба на објект може да дојде единствено по пат на договор меѓу инвеститорот, во овој случај Владата и градоначалникот. Сигурен сум дека ако се донесе одлука за ослободување од плаќање комуналии од страна на советот, тоа нема да има никакво правно дејство. Не станува збор дали изградбата е корисна или не за општината. На повидок се избори па разбираме дека сега некој сака да го надомести изгубениот рејтинг покажувајќи дека е за Охрид, но ние како партија и понатаму ќе ги почитуваме законите и така ќе биде секогаш, потенцира советникот од СДСМ, Томислав Тунтев.


На истиот став е и раководителот од Секторот за урбанизам при Локалната самоуправа, Бранко Арнаудоски.

Советот има ингеренција да донесува програма за уредување на градежно земјиште, а реализацијата ја врши градоначалникот. Не е во надлежност на советот да носи одлука за некакво ослободување од плаќање комуналии, појаснува Арнаудоски.

Вчера одржаната седница беше прекината пред расправата по предлог одлуката за учество на општина Охрид во уредување на градежното земјиште за изградба на административниот објект, Свети Климентовиот Универзитет. Пред советниците да гласаат по оваа точка на продолжението од 31- та седница се очекува да се извршат консултации со инвеститорот- Владата и градоначалникот Александар Петрески.

Т. Кувенџиска