На вчерашната седница владата донесе повеќе заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории.

Како признание за овој најголем филмски успех на македонските филмски уметници и протагонисти на филмот „Медена земја“, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на пет-члената екипа која го сними филмот која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Меѓу заклучоците на Владата се и препораката за Агенцијата за филм, да организира настан прес-конференција во која ќе разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на таа прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, за широка афирмација на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот.

Канцеларијата на претседателот на Владата презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.

Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.

OhridNews