Владата на денешната седница ги прифати пакет-мерките предложени од Комисијата за заразни болести. Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање новогодишни и предновогодишни прослави на отворен и затворен простор, како и препораки до верските заедници, до работните организации и општините.
Соочени со нов предизвик во битката со Ковид-19. Соочени со изборот да продолжиме со превентивните политики и со чекори за излез од кризата сега кога вакцината е на чекор до нејзината испорака или да влеземе во ризик за неодговорно празнување на новогодишните празници, кои се пред нас, Владата на денешната седница одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 за време на празниците, истакна Заев.

Целта на оваа мерка да издржиме сите уште малку со ваквите рестрикции и да не дозволиме со празнување да ескалира состојбата. Мерката носи име „Празнувај одговорно!“, а целта е заштита од Ковид-19 во предвечерието на вакцинацијата, подвлече Заев.
Покрај скратување на работното време на угостителските објекти, мерките опфаќаат забрана на прослави на плоштади и во работните организации. Препорака до верските заедници да не повикуваат на масовни групирања за претстојните верски празници. Останува препораката за несобирање по домовите, собири и во викендичките и апел до граѓаните да не се излегува без некоја потреба по 18 часот.

Сметаме дека е подобро во овие вонредни услови на епидемија да се има некаква контрола на забавите отколку тоа да се прави без каква било контрола по приватни објекти. Подобро на некој начин да се канализира однесувањето на луѓето за празниците отколку да се остави тоа да се прави на своја рака, до што ќе дојде доколку се спроведат предвидените мерки, истакна Мишев.
Мишев вели дека ќе ги почитуваат сите мерки што ќе ги донесе Владата, но оти дополнителното скратување на работното време ќе доведе до уште поголеми проблеми во угостителскиот сектор кој и онака работи со преполовени капацитети и во околности далеку од вообичаените.
OhridNews











