Владата за спроведување на изборите одлучи да бидат поништени противзаконските и еднострано донесени правни акти на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, кои се донесени во периодот од 11.11.2015 година до 07.04.2016 година.
Одлучувањето на Владата е направено врз основа на Законот за Владата во законска постапка, појаснуваат од таму, а се повикуваат на Законот за Владата, во кој се вели дека Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации, кој не е во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата, и врз основа на овој член Владата дејствуваше.
„Врз основа на официјални информации и акти кои беа доставени и разгледувани во законска процедура, беше констатирано дека министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, со противзаконски и еднострано донесените акти ги повредиле и работеле спротивно на членот 46 ставовите 2 и 3 од Законот за Владата, а во врска со членот 47 од Законот за Владата. При носењето на овие еднострани и противзаконски акти министрите не ги почитувале законите, односно не ги донеле овие акти во согласност со дополнителниот заменик министер, не ги консултирале дополнителните заменици министри и на овие акти кои Владата им ги поништува нема потпис од дополнителниот заменик министер, од што произлегува дека тие акти се незаконски донесени и се спротивни на Законот за Владата и затоа Владата ги поништи овие нивни акти“, соопштија од Владата.
Владата наложи во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика да се воспостави претходната состојба каква што била пред донесувањето на наведените противзаконски и еднострани акти, кои Владата ги поништи.
На оваа одлука реагираше министерот за внатрешни работи во оставка и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, кој обвини дека тоа е сериозен упад во договорот од Пржино.
„Ова значи дека сите правни акти, решенија коишто биле донесени досега, спротивно на закон биле поништени од Влада, била доставена информација од дополнителен заменик –министер, спротивно на закон затоа што нема такви овластувања и едноставно претставува упад во системот. Ова е насилие врз државата и државните органи коишто го спроведува Владата и Премиерот“, рече Спасовски.
Тој појасни дека се работи за одлуки коишто немаат никаква поврзаност со изборите. Тврди дека соопштение од Владата, лиферувано до медиумите, не се базира на ниту еден член од закон во којшто укажува дека одлуките се поништени заради тоа што, не биле потпишани од дополнителниот заменик министер.
„Дополнителниот заменик-министер има надлежност да потпишува акти коишто се однесуваат на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со изборите. Доколку таков акт биде потпишан само од едниот, односно од министерот без одобрение од дополнителниот заменик министер, таквиот правен акт нема правна важност. Меѓутоа ако тоа се случи, дополнителниот заменик министер има право да поднесе барање до ДИК и ДИК да одлучи дали одредено прашање е поврзано со изборите или не. На овој начин, Владата направи удар и врз работата на Државната изборна комисија, заради тоа што презеде активности, покрај што ги презеде надлежностите на министрите, презеде надлежности и од Државната изборна комисија“, рече Спасовски.
Тој појасни дека нема да се обрати до ДИК затоа што само дополнителниот заменик-министер има право да го стори тоа, ако смета дека одлуката што е донесена е поврзана со изборите, а тој не ја потпишал.
OhridNews
Извор:„Макфакс“