Владата годинава од државниот буџет ќе издвои 275 милиони денари за реализација на инфраструктурни проекти во општините.
Предност во користењето на средствата ќе имаат руралните средини. Општините, изработените проекти со кои ќе аплицираат, ќе треба да ги поднесат до соодветните институци во текот на месец мај, а претходно ќе биде отворен јавен повик преку Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството. Владата ќе покрие 100 отсто од трошоците за инвестициите.
Сумата за еден проект не треба да биде поголема од 20 милиони денари, односно 300 илјади евра. Агенцијата ќе ги разгледа сите проекти и оние што ќе ги прифати ќе ги извести општините по пат на решение. Потоа тие ќе можат да распишат официјална законска постапка за извршување на градежни работи.
Заинтересираните општини ќе можат да аплицираат со изработените проекти за изградба на патишта, изградба и реконструкција на улици, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализација, изградба на зелени и сточни пазари, како и за изградба на пензионерки клубови, младински клубови и домови на култура. Дел од средствата ќе можат да се користат и за инфраструктурно уредување на излетнички места и инфраструктура на значајни културни локалитети.
Финасиските средства, ќе се реализираат по пат на договор помеѓу Агенцијата и општината. Општините прво ќе добијат аванс, а потоа на рати ќе им биде исплатен и останатиот дел од средствата.












