На предлог на Комитетот за преговори за изградба на Коридорот 8 и 10Д, Владата го одобри договорот за изградба на планираните четири автопатски делници на овие коридори, информираше Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби.
Одобрувањето на договорот за изградба на Коридорот 8 и 10Д доаѓа по четиринеделните преговори кои се водеа меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД, и меѓународниот конзорциум „Бехтел Енка“.
Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде го разгледавме Извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот Бехтел Енка за изградба на Коридорот 8 и 10-Д како и одобрување на содржината и потпишување на договорот, истакна Груби.

Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има исто така шест ленти, со период за изградба од 3 години од почетокот на работите. Реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја ќе придонесе за економијата, модернизација на патната инфраструктура, што во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, но и поквалитетен живот, врски со соседите и меѓународните коридори, стои во информацијата од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Владата минатата година потпиша меморандум за соработка со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.

Директорот на ИРД инжинеринг Паоло Орсини на потпишувањето на договорот вети дека ќе обезбедат највисоко ниво на надзорни услуги и оти навремено и квалитетно ќе бидат завршени работите.
Минатата недела имаше објави во медиумите во однос на избраниот надзор, а премиерот Димитар Ковачевски порача до надлежните институции да се пријави секаков сомнеж или информација во однос на интегритетот на вработени, подизведувачи, субконтрактори.. вклучени во инфраструктурниот проект.
OhridNews













