Владата на Република Македонија, на денешната 107-ма редовна седница донесе одлука за формирање на Јавно претпријатие „Колекторски систем“ за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води. Новото јавно претпријатие, ги презема сите обврски и во иднина ќе управува и стопанисува со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Со одлуката на Владата, всушност се прави поделба на досегашното Меѓуопштинско јавно претпријатие „Проаква“, кое беше голем финансиски проблем за општините Охрид и Струга, бидејќи претпријатието беше нефункционално и работеше со загуби. На одлуката на Владата на Република Македонија и претходеа постапки за делбен биланс и одлуки на Советите на општините Охрид и Струга. По формирањето на јавното претпријатие за управување со колекторскиот систем, општините Охрид и Струга ќе формираат нови јавни претпријатија за стопанисување со водоводните системи.

Одлуката на Владата на Република Македонија со олеснување е примена кај локалните власти, но и кај граѓаните и стручната јавност, бидејќи со формирањето на новото јавно претпријатие се решава еден витален и повеќедецениски проблем со заштитата на Охридското Езеро, кое како светско природно наследство е на листата на УНЕСКО.

OhridNews