Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр. 1 кон Договорот за изградба на патна делница Кичево -Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Sinohydro Corporation Limited.

На денешната седница, владата заклучи дека е неопходно целосно докомплетирање на документацијата и аргументацијата до наредната владина седница, за да се спроведе постапката за раскинување на договорот со концесионерот на рудникот Казандол.

Владата денеска го разгледа и утврди новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка.

Определени точки на изменување на Законот, меѓу другото, се однесуваат на преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје, повторно воведување на легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија кое се поседува без соодветна важечка исправа издадена согласно одредбите на стариот Закон за набавување, поседување и носење на оружје и Законот за оружјето.

На денешната седница, владата донесе Одлука за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2018 година за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот крст на Република Македонија.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за имплементацијата на Национална стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во соработка со релевантните институции да достави до Владата нов Акциски план за вработување за периодот 2018-2020 година во јули 2018 година.

OhridNews