Државата и официјално се откажа од планот за изградба на ски центар на Галичица и други инфраструктурни проекти во заштитената зона на националниот парк, за да не се загрози статусот на Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО.
Владата ги прифати препораките на мониторинг мисијата која уследи по предупредувачките заклучоци за Охрид на Комитетот за светско наследство усвоени на 41-та сесија одржана минатата година во Краков, Полска. Таа го задолжи министерството за култура во рок од десет дена да ја извести светската организација за преземените итни мерки за зачувување на УНЕСКО статусот на Охрид.
Итните мерки за зачувување на статусот на Охрид како „Светско наследство на УНЕСКО“ вклучуваа: Трајно откажување на плановите за изградба на проектот за ски центар на Галичица, одржување на постојното зонирање, трајно откажување на плановите за изградба на подсекциите (а) и (е) од патот А3 и откажување на изградба на други под секции на патот А3; Стратегиска оцена на животната средина (СЕА) за Планот за управување со Охридскиот регион (2016-2025); како и формирање Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, која што веќе го имаше својот прв состанок на први овој месец.
УНЕСКО бара и стопирање на процесот на легализација на бесправно изградените објекти во заштитени зони во охридско, сè додека не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти, како и ригорозна примена на законите за да се спречи секакво нелегално градење. Во наредниот период централната и локалната власт ќе бидат исправени пред сериозен тест од што ќе зависи дали Охрид ќе избегне да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност.
OhridNews












