Централната власт и општините Охрид и Струга конечно изнајдоа заедничко решение околу иднината на МЈП „Проаква“ и доизградбата на колекторскиот систем. Имено на седница на Владата со која претседавал вицепремиерот Зоран Ставрески, а на која учествувале градоначалниците на Охрид и Струга, Александар Петрески и Рамиз Мерко, вчера во Скопје, се разговарало за можноста да се изврши пренамена на средствата добиени од Светска банка за консолидирање на меѓуопштинското јавно претпријатие и реализација на значајни инфраструктурни проекти.

-Кредитот од Светска банка за изградба на нови канализации и водоводи да биде пренаменет за озовременување на колекторот. Договоривме исто така да се одржи посебна средба на која што ќе се разговара како да се обезбедат потребните 13 милиони евра за доизградба на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.-изјави Петрески, посочувајќи дека втората фаза од изградбата на колекторот воопшто не е започната.

На средбата на која присуствувале министрите за финансии и за транспорт и врски, Ставрески и Јанакиески, било разговарано и за потребата од осовременување на веќе изградените делови од колекторот. Активностите, како што било договорено, ќе се реализираат со заеднички средства на општините, владата и странски фондови.

OhridNews