По неодамнешниот шести по ред неуспешен обид за продажба на компанијата, Владата сеуште без конечна одлука околу понатамошната судбина на охридски ЕМО.

Како што информира вицепремиерот Владимир Пешевски, се разгледуваат неколку опции за тоа што ќе се превземе понатаму, потенцирајќи дека состојбата во компанијата е крајно сложена.


Ние како и досега ќе се обидеме да изнајдеме начин за надминување на проблемите, пред се земајќи ги во предвид интересите на вработените. Сеуште , како Влада немаме завземено конечен став, вели Пешевски.

На последниот тендер интерес за купување на ЕМО покажа единствено една турска компанија, која подигна и тендерска документација. Сепак, по направената ревизија за состојбите во фирмата, турските инвеститори се обесхрабрија од огромните долгови на некогашниот гигант во електроиндустријата и не доставија понуда. Дел од јавноста, меѓу која и охридскиот градоначалник Александар Петрески, упати обвинувања до Владата дека нејзините обиди за продажба на фирмата пропаѓаат поради несоодветните услови за продажба кои им се нудат на евентуалните инвеститори.

Пешевски признава дека ќе мора да се променат дел од условите под кои досега се нудеше компанијата на продажба, потенцирајќи дека и понатаму основниот услов при обидите за оттуѓување на сите фирми загубари ќе биде барањето да се задржат вработените во рок од пет години.


Ова се компании кои имаат акомулирано многу обврски во изминатите години, несредени работи околу самата документација, сопственичките односи, голем дел од нив го имаат изгубено и пазарот. Технологијата со која располагаат е навистина застарена, единствено што вреди е квалитетниот кадар кој е останат и затоа се обидуваме тоа максимално да го искористиме, вели Пешевски.

Меѓу вработените во ЕМО- Охрид и понатаму постои надеж дека Владата ќе изнајде решение за исплаќање на заостанатите плати и придонеси.

–    За тоа засега не постои можност. Владата нема завзмемено став околу исплата на заостанатите лични доходи на вработените, а треба да се провери и дали тоа правно е возможно. За да се реализира  исплатата треба од некаде да има прилив на средства, потенцира вицепремиерот.

По пропаѓањето на последниот тендер за продажба на ЕМО, во јавноста започнаа да кружат информации околу евентуалните опции за кои би се одлучила Владата при решавањето на судбината на компанијата. Меѓу нив, се спомнуваат стечај на компанијата, продажба само на брендот “ЕМО“, а не се исклучува и седми обид за продажба на загубарот.

Тања Кувенџиска