Оваа година за порибување на Охридското Езеро со пастрмка се издвоени 13 000 000 денари, што е двојно повеќе во однос на минатата година, односно приближно една осмина од вкупно 90 000 000 денари финасиска поддршка на Владата во рибарството и аквакултурата за 2014 година.
„Со континуираната поддршка во овој сектор и со новиот зголемен обем на средства кој ќе биде употребен за оваа година, врз основа на еколошки одржливи параметри, ќе се создадат услови за зголемување на дозволениот улов на охридска пастрмка за 2014 година и согласно риболовната основа за оваа година, тој ќе изнесува 16 500 килограми, обем во кој се опфатени и стопанскиот и рекреативниот риболов. Овој зголемен обем на дозволен улов ќе биде од несомнено значење за стопанските субјекти кои се занимаваат со оваа дејност и за граѓаните од езерскиот регион.“ – изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, на вчерашната прес-конференција.
Со средствата од програмата за финасиска поддршка во рибарството и аквакултурата за тековната година, ќе се финансираат мерки и активности во оваа област, со цел подобрување на стопанските субјекти кои функционираат во ова област за раст на нивниот бизнис, отворање нови работни места и унапредување на природната средина.
Генерално, целата програма се состои од повеќе мерки кои се групирани во две поголеми подгрупи, и тоа за рибарство за која се издвоени 21 600 000 денари, и за аквакултура која ќе биде финансирана со 64 000 000 денари.
Прво, предвидената финансиска поддршка во рибарството ќе се реализира преку предложените мерки кои се однесуваат на порибување на риболовните води, изградба на риболовни пунктови, изградба на мандри за лов на риба и рехабилитација на риболовните води вклучително и мрестилишта.
Со средства од оваа програма ќе се изврши и порибување на Дојранското и Преспанското Езеро и вештачките езера Шпилје и Тиквеш, но и на останатите риболовни води и водите на кои не е доделена концесијата за риби. Исто така, се предвидуваат и финансиски средства за изградба на нови и реконструкција на постоечки мандри за враќање на традиционален начин на лов на риба на Дојранското Езеро.
Покрај овие мерки, се предвидуваат и средства за отстранување на мрежите кои од разни причини се останати во водите на кои се врши стопански риболов, изградба на пунктови и рехабилитација на пунктови за порибување и останати потреби.
Во делот на аквакултурата, предвидените средства се наменети за инвестиции во подигнување, изградба и проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постоечките капацитети, за изградба на нови капацитети за преработка на рибите, како и за набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.
Со мерката финансиска поддршка за порибителен материјал за која се предвидени 30 000 000 денари, се врши покривање на дел од трошоците за чување на рибни матици и нивна селекција.
Во оваа година како мерка за директна поддршка, се предвидуваат и финансиски средства за произведен и продаден килограм риба на пазарот. На барање на рибопризводителите се предлага да се исплати надомест за килограм произведена и продадена риба на пазарот во 2014 година и тоа за автохтоните ендемични видови риби надомест во износ од 20 денари по килограм, а за останатите видови риби кои се произведуваат во рибниците надомест во висина од 10 денари по килограм. За реализација на оваа мерка се предвидени финансиски средства во вкупен износ од 15 000 000 денари.
Со средствата ќе се финансираат и технички потреби, пилот проекти, развој на нови пазари и промотивни кампањи и колективни мерки и други мерки и активности.
OhridNews