Владата, со средства обезбедени од Светска банка и Европската банка за обнова и развој ќе поддржи десеттина капитални проекти од областа на инфраструктурата кои од летово ќе бидат реализирани во општина Охрид, во вкупна вредност од 4 милиони евра.
Ова го најави министерот за финансии Зоран Ставрески кој денес оствари средба со градоначалникот Никола Бакрачески на која се разговараше за тешката економска состојба во која се наоѓа општината и за начините и можностите за справување со актуелната состојба.
– Финансиската состојба е сериозна поради наследената тешка финансиска состојба и акомулираните обврски кои не се плаќале од страна на екс раководството. Но, моја оценка е дека со мерките преземени од градоначалникот Бакрачески и неговиот тим извршена е санација на буџетот на општината, односно преземени се мерки во насока на реструктуирање на долгот, потпишување на договори за репрограмирање на обврските со што е задоволен еден од клучните услови кои ги поставивме за општината понатаму да може да биде корисник на средства од владата и кредитни средства од Светска банка, изјави министерот Ставрески.
Тој потенцира дека особено значајно е што актуелната локална власт работела домаќински, односно направила значајни заштеди, пред се во делот на јавните набавки.
Како што информира градоначалникот Бакрачески, со поддршка од централната власт во наредниот период ќе бидат реализирани неколку значајни проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во општината.
– Како резултат на соработката и комуникацијата со министерството за финансии ќе се реализираат бројни проекти со средства од кредитот од Светска банка овозможени преку министерството, од областа на инфраструктурата меѓу кои изградба на улиците „ Питу Гули“, „ Ристо Чадо“, два кружни текови на „ Туристичка“, реконструкција на локалниот пат Елшани- Елешец, локален пат во Лескоец, реконструкција на охридската детска градинка, а ќе се изврши и набавка на современи машини за потребите на ЈП Охридски комуналец, рече градоначалникот Бакрачески.
Министерот Ставрески потенцира дека владата ќе продолжи со поддршката и во наредниот период се со цел да и помогне на општина Охрид повторно да застане на здрави нозе.
Т.К.