За оваа цел Владата издвои и ќе ангажира најмалку 15 милиони евра, средства кои ќе послужат за финансиска поддршка и отворање на нови работни места. Доколку постои поголем интерес, Владата ќе го зголеми износот на средства потребни за финансирање на оваа програма. Финансиската поддршка ќе значи покривање на 50% од вкупните трошоци на инвестицијата на бизнисот.
Финансиската поддршка за отворање и развој на микро и мали семејни бизниси ќе биде овозможена за следните активности: активности поврзани со преработката на храна, активности кои не се поврзани со производство на храна, воведување на ново алтернативно земјоделско производство на земјоделското стопанство и обезбедување на земјоделски услуги, активности за отворање на услужни дејности, поддршка за развој на традиционални занаети и рурален туризам.
Како баратели на средства по овие пакет мерки може да се јават: земјоделски стопанства регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, задруга која е регистрирана во Централниот регистар како задруга и која се занимава со земјоделство и преработка на храна или услужни дејности доколку бара поддршка за инвестиции поврзани со формирање и функционирање на „машински кругови“, трговец поединец или трговско друштво регистрирано во Централниот регистар како микро или мало претпријатие, занаетчија кој е регистриран во Регистарот на занаетчии согласно националното законодавство за занаетчиски дејности кои задолжително се вршат во простории. Ветеринарни станици регистрирани согласно законите од областа на ветеринарното здравство.
Барателот на средства треба да е со седиште во рурална средина и целта на инвестицијата треба да е во насока на обезбедување на вработувања. Финансиската помош доделена на прифатените проекти од овој тип на инвестиции изнесува до 50% од вкупно прифатливата инвестиција, а ќе се поддржуваат проекти со минимален износ од 3.000 евра.