На Плаошник денеска официјално започнаа археолошките истражувања за откривање на остатоците на Свети Климентовиот универзитет, кој ќе биде возобновен наскоро.
Во истражувањето се вклучени 200 работници, меѓу кои 50-на студенти по археологија и ликовна уметност. Со проектот раководи д-р Вера Битракова – Грозданова.
Првиот Универзитет во Европа датира од 9-10 век и низ него поминале 3500 ученици. Археолошките истражувања ќе траат до август оваа година, по што ќе биде распишан конкурс за идејно решение, додека возбновувањето комплетно ќе биде завршено во 2009 година. За таа цел Владата од буџетот ќе издвои 6 милиони евра, најави премиерот Никола Груевски, кој денеска го посети Плаошник.
“Овој проект не беше во нашата програма, но сметаме дека се работи за исклучително вредно културно-историско богатство на Македонија“, истакна Груевски.

Премиерот Груевски денес на градскиот пазар и во старата чаршија се сретна со граѓаните на Охрид, а го посети и хотелот Горица каде на 28 и 29 јуни ќе се одржи „Безбедносниот форум“ на НАТО. Груевски најави дека Владата ќе ги преземе сите потребни активности и ќе инвестира средства за поправка на инфраструктурата во Охрид, бидејќи како што рече се работи за исклучително важен настан за Република Македонија.
Г. Момироски
Фото: С. Костоски













